На неколку дена пред истекот на рокот, селекторот на Италија Мео Сакети објави список на 24. кошаркари на кои ќе смета за последниот ФИБА „прозорец“ од квалификациите за Евробаскетот 2022 година.
На списокот се, во најголема мерка, познатите играчки сили на кои Сакети сметаше и за претходниот турнир, оној ноемврискиот во Талин.
Очекувано, за турнирот во Перм (18-22. февруари), ги нема кошаркарите кои настапуваат во НБА и Евролигата, но извесно е дека Сакети повторно ќе проба да „добие“ некој од помладите играчи, особено ако се земе в предвид дека италијанската репрезентација веќе го обезбеди пласманот на Европското првенство, како една од четирите земји кои се во улога на ко-организатори.
За потсетување, во Перм, нашата најдобра машка селекција ја очекуваат два натпревари против Италија. И тоа во период од три дена, на 18 и на 21. февруари.
Поширок состав на Италија:
Авуду Абас, Никола Акеле, Давиде Алвити, Томасо Балдасо, Филипо Балди- Роси, Џордано Бортолано, Леонардо Канди, Давиде Касарин, Амедео Дела Вале, Рафаел Гаспардо, Максимилијан Ладурнер, Давиде Морети, Андре Пекиа, Габриеле Просида, Џампаоло Ричи, Микеле Рузиер, Матео Спањоло, Марко Спису, Амедео Теситори, Стефано Тонут, Леонардо Тоте, Рикардо Висконти, Микеле Витали, Симоне Заноти