Крилото на Зенит слета во Перм, и ќе му се стави на располагање на селекторот Сергеј Базаревич за средбата со нашиот национален тим... Но не и вториот планиран кошаркар, Андреј Зубков...
За едно ново име ќе биде посилен составот на Русија за дуелот против селекцијата на Македонија.
Службата за информирање на Руската кошаркарска федерација, потврди дека во петокот навечер во кампот на „Зборнаја“ пристигна крилото на Зенит, Владислав Трушкин.
Рускиот тим со специјален чартер-авион од Неапол, по четири и пол часа слетал во Урал во раните утрински часови. А по одморот, реализира и тренинг. Во сабота ќе имаат уште еден, на кој ќе се појави и Трушкин, кој во четвртокот настапи за Зенит во евролигашкиот меч против Алба од Берлин, и одигра само осум минути без особен ефект.
Тој ќе биде и последниот, 16.кошаркар кој ќе биде на диспозиција кај селекторот Сергеј Базаревич.
Затоа пак ќе го нема вториот планиран играч од редовите на Зенит, Андреј Зубков.
Оттука Базаревич одлучил дефинитивниот список на 12.кошаркари кои ќе се најдат на пријавната листа за мечот со Македонија, да го објави по вечерашниот тренинг.
Мечот Русија-Македонија се игра во недела, од 16.часот по македонско, односно 20.часот, по локално време, во салата „Молот“ во Перм.
Русите велат дека ќе биде пренесуван на „Мач ТВ“, но и на официјалниот сајт на Руската кошаркарска федерација.