06.10.2020

Искусниот стратег брзо ја „скенираше“ моменталната состојба во која се наоѓа женската кошарка во Македонија...

Саша Димитријевиќ е новиот координатор за развој во македонската женска кошарка: „Мора да направиме ‘производ’ кој ќе има своја вредност“!

После неколку години престој и работа на Малта, каде беше еден од одговорните за работа во младинските селекции на оваа приморска земја, а потоа и предводник на најдобриот клуб на Малта, Саша Димитријевиќ е одново во македонската кошарка.

А по враќањето во Македонија, искусниот тренер не можеше да биде долго време без било какви работни обврски. На изненадување, се одлучи да ја прифати понудата која до него ја достави раководство на нашата федерација.

Да биде новиот координатор за развој во македонската женска кошарка.

Со една цел, да се обиде да ги подигне работите во овој сегмент од македонската кошарка, на едно многу повисоко ниво од постоечкото.

Искусниот стручњак брзо ја „скенираше“ моменталната состојба на работите во женската кошарка. Не му требаше да ги запише сите аномалии со кои се соочи овој дел од нашата кошарка.

„Во овој момент, можам слободно да кажам дека, женската кошарка во Македонија е производ кој нема вредност. Производ кој не може да се продаде. Вредност 0 ( нула ) денари, евра...Зошто го велам ова? Бидејќи нема квалитет, никој не сака да гледа просечен или потпросечен спорт. Никој не сака да вложува во спорт во кои нема квалитет и публика“– констатира повратникот во нашата кошарка.

Кои се причините за една ваква слика во женската кошарка кај нас?

„Ако се бара причината за една ваква ситуација ќе најдеме еден милион причини, почнувајќи од федерацијата, преку клубовите и на крај и до оние што ја создаваат кошарката – тренерите. Сите овие чинители имаат свој ‘придонес’ за една ваква ситуација. Нормално, некој повеќе, некој помалку...“

Клупските интереси за секој клуб се важни, но не треба да бидат над самата визија за развој?

„Визијата и работата се тоа што нашиот производ наречен женска кошарка, ќе го оживее и ќе го направи да вреди. Визијата е, од нулта точка ‘А’, со вредност 'нула' каде сме сега, да дојдеме до точка ‘Б’  со одредена вредност. Можеби овој пат е тежок ама е единствен. Ако почнеме да ја следиме визијата и имаме цел, тогаш знаеме каде одиме и нема да се изгубиме. Во спротивно ќе тапкаме во место или ќе се вртиме во круг. Ако ја следиме визијата, на сите чинители ќе им биде подобро. Клубовите ќе добијат на популарност, со тоа и нови деца, а и нови спонзори. Тренерите ќе бидат повеќе ценети и повеќе платени за својата работа, а КФСМ ќе има добри национални селекции“.

Јасна е сликата која е поставена пред Саша Димитријевиќ, уште пред почетокот на новата сезона во оној женски сегмент на македонската кошарка?

„Јас вака гледам на работите, клубовите сакаат да биде подобро (само на состанок кога се расправа), ама не сакаат да излезат од својата комфорна зона, од своето удопство каде им е убаво. Секогаш е виновен некој друг, а никогаш не го впериле прстот кон себе. Да кажат, што можам јас да направам за да биде подобро. Гледам една летаргија, и не е ништо чудно зошто е ваква ситуацијата во женската кошарка. Многу состаноци, ова да се направи, она да се направи, да биде вака или онака... Многу празни зборови без дела, и од тоа денес го имаме резултатот, а тоа е дека женската кошарка е производ без никаква вредност. За нашиот производ, наречен женска кошарка, да вреди “X” пари, мора да го направиме производ кој вреди. Ако сакаме да нè почитуваат другите, прво чинителите на визијата треба меѓу себе да се почитуваат и сите заедно да направиме дела достојни за почит“.

Вели дека финансискиот момент не е пресуден во целиот процес на функционирање...

„Некој ќе каже, нема доволно финансиски средства во женските клубови, но со тоа не се сложувам. Парите се значаен фактор но не и пресуден. Сега секој клуб има одредени средства од државата кои треба да ги реализира, гарантирам дека полесно ќе им биде ако женската кошарка се крене на повисок организациски степен. Со парите, клубовите, ако сакаат, ќе можат да вложат во млади категории, тренери, играчи од странство, а со тоа ќе се зголеми интересот за женската кошарка. Со цел женската кошарка да ја направиме производ кој вреди, мора сите заеднички да се вклучиме од федерацијата преку клубовите и тренерите, мора да се има јасна визија. И таа визија да се следи, без разлика дали во моментот тоа му одговара на некој или не му одговара. Јас ја имам визијата, таа визија треба да ја видат сите, и верувам дека можеме да бидеме освежување на спортот во Македонија“- смета Димитријевиќ.