Со доаѓањето на младиот репрезентативец, селекторот Александар Тодоров ги има на располагање сите 15 кошаркари на кои смета во февруарскиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2021...
После пауза од неколку години, Ненад Димитријевиќ е повторно со сениорскиот национален тим. Со оглед на тоа дека „работните обврски“ не му дадоа да се појави на првиот собир на националниот тим, младиот бек на Хувентуд вечерва им се приклучи на своите репрезентативни соиграчи и го одработи првиот тренинг.
Го пречека, а кој друг ако не, неговиот омилен играч, и „водилката“ низ кошаркарскиот свет, Војдан Стојановски.
Капитенот му посака срдечно добредојде на својот, па слободно може да се каже наследник во дресот со националните обележја.
А Ненад не го криеше своето возбудување што е повторно помеѓу „црвено-жолтите“.
„Морам да бидам искрен и да кажам дека навистина сум возбуден што повторно сум дел од националниот тим. Што сум тука, среќен сум што ми се дава оваа шанса и подготвен сум да почнам“- изјави Димитријевиќ пред да почне вечерниот тренинг.
Што може да се очекува во овој период, што се вели од новиот почеток?
„За нас почетокот е натпреварот со Естонија. Мислам дека тоа ќе биде доста тежок меч. Дека тоа е еден сериозен противник. Знаеме дека се една ‘ран ен-ган’ екипа. Но убеден сум дека ќе се подготвиме добро и во четврток навечер да бидеме, што се вели, на 100%“.
Условно кажано, добро се познаваш и со „постарите“ играчи во тимот, каде има и добра бројка на помлади играчи од тебе?
„Секако, од порано се знам со оние ‘постарите’, јас би кажал поискусните играчи од нас, со кои бев во репрезентацијата пред неколку години. Со оние помладите се знам нели од оние младински категории. И мислам дека во овие денови кои се пред нас ќе се спремиме добро за она што нè чека во четврток, а и понатака“.
Кога пред извесно време беше избран за најдобар кошаркар на Македонија за 2019 година, имаше една „индиректна порака“ за Војдан. Сега сте „тука“ во иста екипа. Која или каква е пораката до капитенот?
„Нема да му кажам ништо, освен дека дека ми е голема чест да бидам во иста категорија со него“- порача големата македонска кошаркарска надеж пред да му се стави на располагање на селекторот Александар Тодоров.