23.08.2018

Селекцијата до 14 години започнува со настап на Slovenia Ball

Пред 23 дена го одржа првиот собир, а денеска националната машка селекција до 14 години ќе ги одигра првите натпревари од Slovenia Ball, меѓународниот турнир кој се одржува во Словењ Градец, Словенија.

Нашата национална селекција ќе биде сместена во групата „А“ заедно со селекциите на Хрватска, Унгарија, Русија и домаќинот Словенија. Тоа ги остава селекциите на Бугарија, Израел, Италија, Црна Гора и на Украина во групата „Б“.

Првиот натпревар ќе го одиграме в четврток (23. август) со почеток во 11:15 против Словенија. Истиот ден во 18:00 часот ќе се надигруваме со соодветната селекција на Хрватска. В петок го отвораме вториот ден на натпревари со Русија, в 9:00 часот додека во 14:30 ќе се надигруваме со Унгарија. Последниот ден (26. август) ќе бидат одиграни натпреварите за пласман.

Распоредот за натпревари и статистика може да се погледне на официјалната веб-страница на кошаркарската федерација на Словенија - КЗС

Оваа селекција тековното лето го започна и новиот циклус на проектот „Заедно до М16“ и го одржа првиот камп.