Селекторот Тони Симиќ на располагање има 18 кошаркари кои најчесто работат по два пати на ден. Денеска селекцијата замина во Маврово каде ќе остане една седмица. Таму ќе го одигра првиот подготвителен натпревар, против У20 репрезентацијата.
„Почнавме на 15 јуни, овие денови бевме редуцирани на тренинзите бидејќи некои од кошаркарите ги вршеа неопходните лекарски прегледи за да видиме каква е физичката и здравствената состојба кај нив. Крај на сезоната е, некои од играчите завршија порано со обврските кон своите клубови, некои неодамна и затоа сакавме да имаме јасна слика пред да одиме за Маврово каде ќе го поминеме најнапорниот дел од подготовките и кој мораме да го одработиме на највисоко можно ниво.
Во однос на репрезентацијата, кошаркарите се заедно само пет дена, и засега се е според посакувањата и плановите. Се тренира максимално, играчите се свесни дека конкуренцијата е голема и даваат се од себе за да се изборат за место во конечниот список. Ме радува нивното залагање, но и тоа што од првиот ден атмосферата е одлична. Дел од кошаркарите се немаа долго време видено затоа што некои играат во странство, а и покрај тоа функционираат фантастично, како да се постојано заедно. Се надевам дека вака и ќе продолжиме и на крајот се ќе биде како што планиравме“ – вели селекторот пред заминувањето за Маврово.