Присуството на висинските подготовки во Маврово, нашата селекција „Под 20“ години го искористи и да направи една „контрола“ на моменталната форма.
Избраниците на селекторот Тони Симиќ беа специјални гости на меморијалниот, 19. по ред турнир „Другарите за Игор“ кој се играше во Гостивар, а беше посветен на прерано починатиот кошаркар од Гостивар, Игор Билески.

Оваа година, освен нашата младинска селекција, учество земаа две младински екипи на КК Гостивар (М16 и М18), како и М16 екипата на АВ Охрид.
Во главниот натпревар на овој собир во салата „Младост“ во Гостивар, играа нашата младинска репрезентација и М18 селекцијата на КК Гостивар.

Избраниците на селекторот Симиќ го покажаа својот потенцијал и квалитет, и го решија со убедливи (105:42) овој ревијален натпревар.
Претходно, на првиот меч од меморијалот „Другарите за Игор“, надежите на КК Гостивар излегоа како победници против гостите од Охрид, (69:39).
