Втората фаза од подготовките за настап на младинскиот Евробаскет во Полска, селекцијата „Под 20“ години на Македонија ја започна со контролен натпревар, и тоа на гостински терен, во Подгорица, во кој домаќините стигнаа до победата со резултат (66:55).
Во поголем дел од оваа прва проверка, посебно во првото полувреме Црногорците имаа резултатска предност.
По пет минути од играта, домашната селекција водеше со (12:4), за првиот период го реши во своја корист со (17:11). Не баш ефикасно се играше и во втората, во која одново Црна Гора имаше предност, но не и двоцифрена, па на полувремето резултатот беше сличен, водство на домашниот тим со резултат (32:24).
Најдобрите минути на македонските младинци беа по одморот...
Во оние од третата четвртина, Македонија успеа да го сврти резултатот во своја полза. По изедначувањето (35:35), во 26.минута водевме со (39:35). Но до крајот на овој период од играта, Црна Гора, сепак имаше мала предност (46:44). Егал резултат на семафорот стоеше се до 35.минута (54:53), но со лош финиш во кој дадовме само два поени за пет минути, ја загубивме оваа прва „контрола“ во која поентерски, со 15 реализации се издвои Стојаноски, а двоен број на поени даде само уште Бошалески 11 (3/5 во шутот за три поени).
Поени за нашиот тим „Под 20“ години на овој меч реализираа уште: Шошкиќ 8, Саити 6, Симиќ 4, Иванов 4, Петковски 2, Јакимовски 2, Димитриевски 3.
Двете селекции кои ќе бидат дел на ЕП од Дивизијата „А“ во Гдиња за кошаркари „Под 20“ години, ќе одиграат уште еден натпревар. Утре попладне, на истото место, во салата „Воцо“ во Подгорица, и во исто време – 18.часот.