20.08.2024

„Ова е еден одличен резултат кои дава простор за надеж за некои идни натпреварувања на оваа репрезентација“

Селекторот Александар Јованчев го анализира ЕП:„ Не сме задоволни од конечниот пласман, но апсолутно, не сме разочарани“

Кадетската машка репрезентација на Македонија го заврши своето натпреварување. Беа блиску нашите млади кошаркари до реализација на првичната цел, пласманот во четвртфиналната фаза. Но само еден висок пораз, во дуелот со подоцнежниот шампион, Естонија, ги одалечи од планираното. На крајот, застанаа на позицијата број 10 во конечниот поредок.

Селекторот Александар Јованчев со своја целосна анализа на она што е зад селекцијата „Под 16“ години која ја предводеше во изминатиот период:

„На 17. август ги заокруживме 45. дена предвидени за подготовки и за настап на Европското кадетско првенство од Дивизијата ‘Б’.

Имавме еден долг тренажен процес во кој одигравме шест пријателски натпревари на кои имавме скор од три победи и три порази. Во оние три победи ќе ги спомнам против Романија и Швајцарија, селекции кои како втора и трета репрезентација обезбедија пласман во ‘А’ Дивизијата. Пред самиот почеток на Европското првенство потенцирав дека Македонија се наоѓа во една од најтешките групи на првенството, што подоцна и се потврди, односно кога репрезентацијата на Естонија го освои турнирот во Скопје.

Првенството го отворивме доминантно против селекцијата на Украина во натпревар на кој постигнавме 96. поени. Следуваше натпревар против Шведска кој според првичните планови требаше да биде натпревар на одлука, односно која од овие селекции ќе продолжи во четвртфиналето. Како и на поголем дел од натпреварите, имавме проблем со скок-играта. На тој натпревар Шведска оствари 20 скокови повеќе од нас што беше и пресметан ризик, особено во второто полувреме во кое најчесто игравме во петорка со четири бекови со која полесно поентиравме во нападот. Натпреварот успеавме да го добиеме по продолжение од пет минути“.

Предводникот на оваа наша селекција го потенцира основниот и сериозно голем проблем кој беше евидентиран при формирањето на „костурот“ на тимот:

„Според официјалната евиденција, Македонија беше една од најниските репрезентации на првенството. Практично и немавме високи играчи. Па така со секоја селекција која висински доминираше, имавме проблем.

Имавме тежок натпревар против Естонија во кој бевме рамноправен противник до полувремето. Во вториот дел Естонците ја искористија физичката доминација и со скок играта и поените од втора шанса го однесоа натпреварот во нивна полза“.

И покрај тој хендикеп, само „лошата среќа“ придонесе Македонија да не биде дел од четвртфиналето

„Сметам дека немаше репрезентација која може да ја победи Естонија на ова првенство и физички и тактички. За жал тоа се случи и практично тој натпревар ја одлучи нашата судбина. Односно ‘во круг’ од три репрезентации имавме најлоша кош разлика. На крајот ја победивме и Австрија за конечен резултат од три победи и еден пораз во групата кои не беа доволни за да продолжиме понатака.

Резултатите на следните два натпревари не беа реална слика за случувањата на теренот. Против Данска  и Португалија во најголем дел ги одигравме со двоцифрена предност. Имавме пад во последните минути, но никогаш не бевме под закана да ги загубиме. Мое скромно мислење е дека после големото разочарување кај играчите, веќе ниту еден натпревар во разигрувањето од 9. до 16. место не го одигравме со полн потенцијал. На крајот загубивме од Унгарија за конечен биланс од пет победи и два порази што е подобар или еднаков од сите репрезентации рангирани  од третото до деветтото место“.

Јованчев смета дека заслуживме многу повеќе од она десетто место на крајот на првенството во Скопје:

„Ние во стручниот штаб и играчите знаеме колку овој тим напредуваше од првиот пријателски натпревар па до почетокот на првенството. Сигурен сум дека репрезентацијата заслужуваше, и можеше да биде меѓу четирите најдобри репрезентации. Но немавме ниту доволно спортска среќа. Имавме добра бековска линија брзи и продорни играчи кои максимално ги искористивме. Немавме високи играчи и бевме приморани двајцата условно кажано, повисоки играчи, да ги користиме како такви. И би рекол дека тие и повеќе од добро ја одработија својата улога. Многу е лесно да се најдат грешките кај играчи до 16 години. Нормално е на таа возраст да се греши, но и во тој сегмент сум задоволен. Македонија е една од репрезентациите со најмалку загубени топки по натпревар. Имавме проблем со селекцијата на шутот и недоволно додавања во нападот но доколку сето тоа го правевме перфектно репрезентативците немаше да имаат 15 или 16 години“.

Има доста позитивни моменти во текот на евро-шампионатот:

„Со 16.3 асистенции по натпревар, влегуваме помеѓу најдобрите седум репрезентации. Секако го имаме и вториот најдобар асистент на првенството. Имавме неколку различни одбрани кој најчесто ни носеа резултат и секако многу украдени топки или 13 по натпревар, што е трет најдобар резултат на првенството. Индивидуално го имаме и најдобриот ‘крадец’ на првенството. Нападот беше доста ефикасен и со 76.3 поени по натпревар, сме третата најдобра селекција на првенството“.

Генералната оценка на селекторот е повеќе од позитивна:

„Секако дека не сме задоволни од конечниот пласман, но апсолутно не сме разочарани. Ова е еден одличен резултат кои дава простор за надеж за некои идни натпреварувања на оваа репрезентација, која со текот на годините треба колективно и индивидуално да созрее. Репрезентативците имаа одлични услови за работа на овие репрезентативни собири. Тоа е нешто што треба да се негува и постојано да се надградува и е основен предуслов за било каков успех во спортот“- заклучува селекторот по овој шампионат.