Селекторот Александар Тодоров стои цврсто зад својата одлука да верува во Марко Симоновски, без оглед на фактот дека овој кошаркар веќе неколку месеци е без клупски ангажман.
„Oд денoт кога ме избраа за селектор и кога веќе го договоривме кондицискиот тренер, Марко Симоновски е во систем на подготовка, и физичка и кошаркарска. Факт е дека имав една дилема, во последните две недели да го земам во мојот тим Крајова за да тренира со екипата. Но пеколниот ритам на натпревари не дозволи такво нешто. Откако сум во Скопје работам индивидуално со него и со Марко Миловановиќ.
Марко Симоновски е играч со кој сум работел, во кого имам доверба. Верувам дека може да ни помогне бидејќи станува збор за само четири дена меѓу двете средби“ - истакна селекторот Тодоров на прес-конференцијата на нашиот националниот тим, пред првиот тренинг.
Како одговор на прашањето дали „вреди“ во селекцијата има место за играч кој е без актуелен клупски ангажман.
А Марко Симоновски верува дека многу скоро ќе го тргне тој префикс. Но дотогаш сето свое внимание го насочува кон тренинзите со своите репрезентативни соиграчи.
„Без клуб сум извесен период, но максимално сум подготвен за настап. Веќе неколку месеци работам по специјална програма на кондицискиот тренер од Турција кој е ангажиран во репрезентацијата, така што сум стонастотно спремен да помогнам на репрезентацијата. Сега сум насочен само на настапите за репрезентацијата, но по оваа пауза во првенството очекувам да потпишам и договор со новиот клуб“- вели „снајперот“ во нашата сениорска селекција.
Еден од оние кои важат како „староседелци“ во изборот на Александар Тодоров, кому и не му е потребно многу време за да ја „сними“ ситуацијата во тимот.
„Настапуваме во подмладен состав, но атмосферата меѓу играчите е одлична. Сето тоа дава причина за оптимизам пред почетокот на овие квалификации. Верувам во успех, почнувајќи од дуелот со Естонија. Со победата на тој прв натпревар во Скопје би си ја зголемиле самодовербата пред следните натпревари“- вели Симоновски.