09.04.2020

СЕЛЕКТОРОТ АЛЕКСАНДАР ТОДОРОВ ПРВО ВО КАРАНТИН, ПА ВО САМОИЗОЛАЦИЈА:  Одговорноста од спречување на вирусот лежи кај сите нас како поединци!

„Чувството е поинакво кога си дома, се надевам дека по истекот на овие две седмици, бројот на заразени и починати ќе се намали и дека ќе тргнеме кон постепено враќање кон нормалниот начин на живот“- посакува предводникот на нашиот национален тим.

 

Александар Тодоров, селекторот на нашиот машки национален тим, долго време „одолеваше“ на овие кризни денови. Практично, во последен момент ја напушти Романија, и се врати дома, во Македонија.

Но со одредени последици, затоа што новите законски мерки го примораа првиот месец по пристигнувањето да биде одвоен од светот, не само оној кошаркарскиот...

Беше 14 дена во карантин, сега уште толку ќе мора да ги помине во домашна изолација.

Во последен момент мораше да ја напуштиш Крајова и Романија и да се враќаш во Скопје, дали тоа донесе дополнителни проблеми со транспортот за тебе?

„Не, немав големи проблеми со транспортот, имаше мал проблем поради тоа што граничниот премин каде влегувам во Србија беше затворен, па мораше да патувам преку Софија, маршрута која е подолга за околу два часа од таа низ Србија. Потоа во точно одредено време мораше да бидам на граничниот премин Деве Баир, од каде во конвој, со полициска придружба бевме однесени во карантин во хотелот ’Ибис’ во центарот на Скопје“.


Помина 14 дена во карантин, како изгледаше тоа?

„Правилата беа дека никој не смее да ја напушти собата во која е сместен. Храна и сè што е неопходно беше доставувано пред врата, па така тие 14 дена ги поминав во некои 15 метри квадратни. Колку и да делува страшно, првите 7-8 дена поминаа навистина брзо, можеби и ми требаше еден таков период каде нема да правам ништо. Но последните денови поминуваа навистина бавно. Особено последниот, кога дури некаде после полноќ ми беше дозволено да заминам дома“.

Ако ништо друго, добро се „одмори“ по напорите кои со себе ги носи сезоната, особено далеку од Македонија?

„Како што кажав и погоре, од католичкиот Божиќ кога имавме два слободни дена, немав направено никаква пауза. Дури и за Нова година, заради тоа што имавме натпревар на 4. јануари, па по последниот натпревар во февруари, директно на собирот на нашата репрезентација и на крај, по враќањето од Перм, веќе истиот ден морав да патувам назад за Крајова. Така што, ако ништо друго, овој карантин ми дојде нешто како заслужен одмор“.

Сега следува домашна изолација?

„Да, завчера при излегување од хотелот, морав да потпишам изјава дека се согласувам со дополнителни 14 денови на домашна изолација. Правилата се правила и во овие моменти мора да се почитуваат, одговорноста од спречување на вирусот лежи кај сите нас како поединци. Сепак, чувството е поинакво кога си дома, се надевам дека по истекот на овие две седмици, бројот на заразени и починати ќе се намали и дека ќе тргнеме кон постепено враќање кон нормалниот начин на живот“.

Како ова ќе се рефлектира на понатамошните планови?

„Многу малку клубови размислуваат за идните планови во моментот кога буквално низ целиот свет секојдневно умираат луѓе. Во моментот кога избувна кризата, имав понуда за продолжување на договорот со мојот сегашен клуб. Но нормално, треба да почекаме и да видиме како кризава ќе влијае на буџетот за следната сезона, со оглед на тоа што сме сто проценти финансирани од општината“.

Што велат кошаркарите од националниот состав?


„Овие денови најчесто бев во контакт со капитенот Војдан Стојановски, кој исто така беше во домашна изолација. Разговарав и со Дамјан Стојановски, со Марко Симоновски, а често се допишувам и со Андреј Јакимовски, кој можеби има најкомплицирана ситуација од сите нас, со оглед на тоа што сè уште не може да најде начин како да се врати во Македонија. Имав контакти и со речиси сите членови на стручниот штаб, како и со спортскиот директор Тодор Гечевски“.

Со оглед на тоа дека не се гледа крајот на националните шампионати, но и на оние поголеми лиги во Европа, како Евролигата, Еврокупот, па и Лигата на Шампионите на ФИБА, можеби постои можност да се реализираат оние најавени летни мини подготовки на националниот тим?


„Многу е тешко да се планира нешто во момент кога не се знае до кога ќе траат овие мерки на изолација и социјално дистанцирање. Она што го кажав и на репрезентативците е дека во првиот момент кога ќе се дозволи поголема слобода на движење, дека им стојам на располагање да започнеме со индивидуални тренинзи, во помали групи, бидејќи не верувам дека во скоро време ќе бидат дозволени спортски активности на поголеми групи. Затоа и верувам дека ќе истренираме индивидуално, но не сметам дека ќе бидат возможни мини подготовки како што беше планирано. Впрочем, со одложувањето на Олимписките игри, сè почестo се говори за одложување и на Евробаскетот, па не се знае дали ќе се игра воопшто и тој ноемвриски прозорец“- гласи дилемата кај селекторот кој наредните две седмици ќе остане дома.