26.06.2024

Првите „контроли“ за селекцијата „Под 18“, се закажани за почетокот на јули, во Скопје ќе гостува Црна Гора, потоа гостуваме во Романија...

Селекторот Андреевски одбра 16. кошаркари на кои ќе смета за наредните фази од подготовките на јуниорската репрезентација

Зад нашата најдобра јуниорска селекција се веќе десетина дена поминати во подготовки за она то ги чека во текот на ова лето – настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое од 26. јули до 4. август ќе се одржи во Скопје.

Период во кој селекторот на селекцијата „Под 18“ години, Горан Андреевски одбра со кои 16. кошаркари ќе го продолжи патот кон реализација на планираните цели. А тие како што вели Андреевски се граничат со пласман во полуфиналето на турнирот во Скопје.

„Мои очекувања, како селектор, за овој шампионат кој следува, се влез во финалните четири, односно борба за првите три места кои водат во ‘А’ дивизијата наредната година“ – вели самоуверено предводникот на нашиот јуниорски тим кој деновиве вредно се подготвува во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.  

Во овој ритам ќе биде одработени и наредните десетина денови. А на почетокот на наредниот месец, закажани се и првите контролни натпревари.

„Токму така, продолжуваме со тренажниот процес во СРЦ ‘Кале’ во кој сега имаме на располагање 16. кошаркари. Она што е особено добро е што здравствениот биланс е како што посакуваме, на едно добро ниво. Првата ‘контрола’ ни е на 5. и на 6. јули, имаме двомеч со јуниорската селекција на Црна гора во Скопје, два натпревари во кои треба  да видиме во каква форма се играчите. Потоа имаме недела дена предвидена за корекции во играта, а на 12. и 13. јули ќе играме, на гостински терен, и со репрезентацијата на Романија, кога ќе можеме да зборуваме и за некои други детали поврзани со подготовките за настап на првенството на кое сме во улога на домаќини“ – дополнува Андреевски.

Инаку, подготовките ги продолжуваат следните 16. кошаркари: 

Бојан Димитријев, Марко Лукановски, Андреј Стојановски, Атанасиј Трајанов, Стефан Стојковиќ, Јордан Кузманов, Давид Петрушевски, Даријан Димовски, Коста Ќириловски, Никола Јаничиќ, Андреј Чадамов, Сергеј Младеновски, Лука Маријановиќ, Сергеј Петровиќ, Матеј Митев и Ристе Букрлишев