04.08.2024

„И кон овој меч ќе влеземе максимално посветено и ќе се обидеме сите да ги израдуваме со злато“ - гласи пораката пред дуелот со Австрија

Селекторот Андреевски пред финалето: „Емоциите ги тргнуваме на страна, играме храбро како и секогаш, одиме на уште една победа“

Македонија е во финалето, Македонија, вечерва од 21.30 часот, во големата сала на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ против Австрија ќе пипува уште една страна од македонската кошаркарска историја.

Во „дуелот на непобедливите“ момците кои ги одбра и со кои работи селекторот Горан Андреевски ќе пробаат да направат перфекција. По пет победи во првата фаза, дојдоа и оние во четвртфиналето, против Португалија, еден ден подоцна, во полуфиналето беше „соборена на плеќи“ и Бугарија.

Вечерва на ред е битката за златните медали, за победничкиот пехар на Евро-шампионатот во Скопје.

Селекторот на нашиот национален тим „Под 18“, дава краток осврт на она што се случуваше вчера вечер во полуфиналето со Бугарија.

„Меч со Бугарија, посебна мотивација, силна репрезентација, но, бевме премотиворани за тука да застанеме. ЗНАЕВМЕ ДЕКА ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА Е СО НАС, ДЕКА Е НА НОЗЕ А ПОГОЛЕМ МОТИВ ОД ТОА НЕ МОЖЕ ДА ИМА.

Целата стратегија за натпреварот ја реализиравме и подобро од договореното. Успеавме да ги неутрализираме нивните најдобри играчи Гаваљугов и Колев“- ги посочува Андреевски, основните причини за најважниот триумф на првенството.

Следува големото финале, дуелот во кој ќе играат две репрезентации кои се со максимален ефект.

„Денес влегуваме малку порастоварени, бидејќи главната цел ја остваривме, а тоа е влез во ‘А’ дивизијата. Но се разбира и кон овој меч ќе влеземе максимално посветено и ќе се обидеме сите да ги израдуваме со злато. Емоциите ги тргнуваме на страна, играме храбро како и секогаш . Одиме на уште една победа“.

Селекторот има уште една порака во вид на „пост-скриптум“:

П.С „Ве чекаме сите во сала, во уште поголем број од вчера“

Затоа, и да ја испочитуваме пораката на селекторот, вечерва, сите патишта водат кон СЦ „Борис Трајковски“. Македонските јуниори се борат за златото, за победничкиот трофеј, за историја!