Женската сениорска репрезентација утринава го одработи првиот, од двата предвидени тренинга во салата на СРЦ „Кале“.
Доцното завршување на натпреварите на клубовите кои настапуваат нашите репрезентативки во текот на овој викенд, е основната причина поради која стручниот штаб на нашата женска сениорска репрезентација предвиде само три тренинга во Скопје.
„За жал, принудени сме да имаме ваков распоред во овој нов циклус од квалификациите. Приморани сме да ги чекаме сите кошаркарки на кои сметаме, а моментално настапуваат во странство. Оттука со оглед на краткиот временски рок, во Скопје ќе одработиме два тренинзи пред заминувањето за Португалија. Ако се биде во ред, комплетни ќе одработиме уште неколку во Матошинос, местото каде на 9.ноември ќе го играме првиот квалификациски натпревар, оној против селекцијата домаќин“ – констатира селекторот Александар Ашаданов.
Токму од овие причини Ашаданов се одлучи за еден поширок список на играчи на кои ќе смета за првите два натпревари од новиот циклус од квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година.
Македонската женска сениорска репрезентација ќе игра во групата „Г“ во квалификациите за Европското првенство во 2025 година, заедно со првиот фаворит Србија, Украина и со Португалија, од ноември годинава до февруари 2025 година.
Победниците на осумте групи, заедно со најдобрите четири второпласирани ќе играат на ЕП 2025, кое за првпат ќе се игра во четири држави, во Италија, Германија, Чешка и во Грција, а во Атина ќе се игра и завршната фаза.