19.09.2023

„Само се надевам дека во овие квалификации ќе ја немаме турбулентноста во ростерот, и ќе настапиме во полн состав“

Селекторот Ашаданов по ждрепката за Евробаскетот 2025: „Целта останува иста, да ‘добиеме’ што повеќе натпревари

Нашата најдобра женска селекција ги доби своите противници во квалификациите за Европското првенство кое ќе се одржи во 2025 година. За првпат низ историјата, во четири различни земји од Стариот континент, Италија, Германија, Чешка и Грција, каде ќе се игра и завршната фаза од Евробаскетот.

Македонија е дел од групата „Г“ во која се уште првиот фаворит, Србија, како и Украина односно Португалија.

Согласно со системот за натпреварување низ квалификациите кои ќе се играат во три временски „прозори“, место на ЕП обезбедува првопласираната репрезентација, а шанса за истото ќе има и репрезентацијата која ќе биде второпласирана.  

„Би рекол, помалку и очекуван расплет на ждрепката, односно три подобро рангирани екипи да се најдат со нас во групата, значи дека нашата репрезентација се наоѓа во последниот шешир.

Целта останува иста како на претходните квалификации, да се добијат некои натпревари. Веќе на првиот натпревар против Португалија, на гостински терен, ќе ја бараме првата победа.

Се надевам дека во овие квалификации ќе ја немаме турбулентноста во ростерот како низ претходните, односно дека на натпреварите кои се пред нас, ќе настапиме во полн состав. Фаворитската улога во групата ќе ја има репрезентацијата на Србија за која добро знаеме со каков состав располагаат и нивната константност да опстои на врвот на авропската кошарка во изминатиов период“- истакнува Ашаданов откако ги дозна противниците за новиот квалификациски циклус.

Ќе го стартуваме на 9. ноември во Португалија,  три дена подоцна, најверојатно во Скопје, доаѓа, извесно, најсилната селекција во ова друштво, онаа на Србија.