Официјалниот дел од подготовките на нашата најдобра селекција ќе започне на 12.јули (понеделник), во 10. часот, во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Но во изминатите два дена, новиот предводник на нашиот сениорски национален тим, Драган Бајиќ, одлучи да има комплетен увид во моменталната состојба на македонската репрезентативна кошарка.
За таа цел, на едно место го имаше комплетниот македонски репрезентативен потенцијал. Одреди список на кој се најдоа имињата на нашите млади репрезентативци, актуелни членови на селекциите „Под 20“ и „Под 18“ години.
По четири одработени тренинзи во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, селекторот Бајиќ одлучи на сениорскиот список да ги „допише“:
Андреј Андоноски
Марко Миловановиќ
Лејсон Зекири
Валмир Какруки
Андреј Настовски
Оливер Двојковски
Теодор Симиќ
Овие седум млади кошаркари, заедно со Виктор Ефремовски, ќе им се придружат на своите репрезентативни колеги кои беа одредени да се појават на првиот репрезентативен собир.
А покани за настап во претквалификациите за Светскиот Куп 2023 година, беа испратени до следниве кошаркари:
Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром)
Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Адем Мекиќ (МЗТ Скопје Аеродром)
Бојан Трајковски (Пелистер)
Бобан Стајиќ (Пелистер)
Горјан Марковски (Куманово 2009)
Дамјан Робев (Куманово 2009)
Љубомир Младеновски (Работнички)
Ненад Димитријевиќ (Валенсија-Шпанија)
Андреј Јакимовски (Вашингтон Стејт-САД)
Стојан Ѓуровски (ХЛА Аликанте – Шпанија)
Џејкоб Вајли (Будуќност-Црна Гора)
ИНФОРМАЦИЈА ДО МЕДИУМИТЕ
Почнувајќи од денеска, од првиот тренинг предвиден за 10.часот), до 11.август, тренинзите на нашата машка сениорска репрезентација ќе бидат реализирани во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, и ќе бидат од делумно oтворен карактер.
Со граничено присуство на претставниците на медиумите и други, неофицијални лица, кои ќе треба да бидат наведени во задолжителниот список на присутни лица, кој ќе биде доставен до Спортскиот центар, каде ќе се реализираат тренинзите, а е во согласност со општиот протокол за организирање на натпревари и тренинзи во затворени објекти.
Новинари, ТВ камермани и фоторепортери од нашите почитувани медиуми, можат да присуствуваат, и да ги реализираат своите професионални обврски во првите 15. минути од тренинзите. Но, во ограничен определен простор, на трибина во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, и без никакви физички, непосредни контакти со стручниот и играчкиот дел од националниот тим за време на тренинзите.
Согласно општиот Протокол, (засега) не е предвидено одржување на прес-конференции за време на подготовките во овој претквалификациски циклус за Светскиот Куп во 2023 година.
Претставниците на медиумите ќе имаат можност секојдневно да се информираат за сите активности на нашиот национален тим, преку одговорното лице за односи со јавноста, официјалната страница www.kfsm.mk, фан-страната на КФСМ на Фејсбук, како и на Инстаграм профилот на федерацијата.