Машката сениорска репрезентација ја реализираше својата цел. На турнирот во Скопје дојдовме до првото место во групата „Ф“, кое води понатаму, во квалификациите за место на Мундобаскетот во 2023 година кој ќе се одржи во Филипини, Јапонија и Индонезија.
Може да се окарактеризира и како историски резутат особено ако се земе в предвид дека Македонија за прв пат се стекна со шанса да заигра на Светскиот шампионат, што досега не беше случај.
За Драган Бајиќ, селекторот на нашиот национален тим беше и примарната цел по доаѓањето и одработувањето на овие 40. дена колку што траеше оваа „операција“ – претквалификации за Светскиот Куп 2023.
„За мене е најважно што ние ја остваривме нашата цел. Се изборивме за првото место во групата, и ќе играме во квалификациите за пласман на Светското првенство“- вели Бајиќ пред заминување за Лакташи, каде го чека работа со Игокеа.
„На почетокот, особено по стартниот пораз од Швајцарија, никој не веруваше дека ќе дојдеме до целта. Дури и оние најголеми оптимисти дигнаа раце од нас. Не веруваа дека можеме. Но јас постојано им говорев на играчите дека треба чесно да работиме. И дека таквиот пристап ќе ни донесе резултат. Чесно работевме, тоа ни се врати. Дојдовме до посакуваното. Одигравме две средби на навистина високо ниво. Задоволен сум, се оддолжив на довербата која ја добив од страна на раководството на федерацијата на најдобар можен начин. Но сите заслуги им припаѓаат на овие момци кои одвоија време, простор да бидеме заедно во тие 40.дена“.
Вели дека оваа селекција нема лимит. Дека има доста време до ноември, кога ќе стартуваат квалификациите за Мундобаскетот...
„Во овој момент најважно е дека дојдовме до резултатот кој го посакувавме. Каде е лимитот, во овој момент не знаеме. Но ова е дел од историјата, за прв пат ќе играме квалификации за Светскиот Куп. А го реализиравме тоа без девет играчи во ростерот. Видовте дека на турнирот во Скопје играа кошаркари кои не беа ниту во оние 12 во претходните репрезентативни циклуси. Останува простор да видиме кој од нив навистина може да помогне во наредниот квалификациски циклус во кој повторно ни доаѓа европската репрезентативна елита. Јас ќе се обидам, колку е тоа возможно, да продолжиме со плановите да им даваме што е можно повеќе шанса на младите, затоа што тие ќе бидат и иднина на македонската сениорска репрезентација“- порача селекторот по истекот на натпреварите во „балонот“ во Скопје.