21.11.2021

Денеска, заедничка вечера во хотелот „Double tree by Hilton“ во Скопје, а од понеделник, од 10 часот, е првиот тренинг во СЦ „Јане Сандански“

Селекторот Драган Бајиќ со 15 кошаркари за ноемврискиот квалификациски ФИБА „прозорец“

Селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Драган Бајиќ, го скрати списокот на кошаркари на кои ќе смета за ноемврискиот ФИБА „прозорец“ од квалификациите за Светскиот Куп во 2023 година.

Со оглед на времето до првите квалификациски обврски, односно првиот натпревар од квалификациите за СК, закажан за 26.ноември во Скопје, кога го пречекуваме репрезентацијата на Шпанија, селекторот Бајиќ се определи за список од 15. кошаркари.

Првиот собир на нашиот сениорски национален тима е предвиден да биде вечерва, во хотелот „Double tree by Hilton“ во Скопје, каде ќе биде и „базата“ на нашата најдобра машка селекција во овој квалификациски циклус.

Од 19.30 часот, предвидена е заедничка вечера, а веќе од понеделник стартуваат мини-подготовките пред почетокот на Светските квалификации

Во првиот ФИБА „прозорец“ за пласман на Светскиот Куп 2023, на 26. ноември, во Скопје, играме против актуелниот светски шампион, репрезентацијата на Шпанија.

Натпреварот ќе се игра во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток од 19.30 часот (директен пренос на Спорт Клуб).

По средбата со Шпанија, на 29. ноември следува и онаа против репрезентацијата на Украина, која ќе се игра во „Палатата на спортовите“ во Киев.

Согласно со планот на подготовките, нашите најдобри кошаркари ќе работат во два дневни термини. Утринските тренинзи се предвидени од 10, а вечерните од 18.часот, во салата на СЦ „Јане Сандански“. 

Согласно планираното на стручниот штаб, предводен од селекторот Драган Бајиќ, ќе се тренира и на денот на одигрување на натпреварот со „црвената фурија“, на 26. ноември.

СПИСОК НА ИГРАЧИ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

(ЗА ФИБА „ПРОЗОРЕЦ“ - НОЕМВРИ 2021)

Бојан Крстевски    силно крило           206     1989  МЗТ Скопје Аеродром

Кристијан Николов          бек     187     1996  МЗТ Скопје Аеродром

Дамјан Робев         бек-шутер   193     1997  МЗТ Скопје Аеродром

Адем Мекиќ           бек-крило   195     1995  МЗТ Скопје Аеродром

Дамјан Стојановски         бек-шутер   198     1987  МЗТ Скопје Аеродром

Бобан Стајиќ бек   185     1993  Пелистер

Стојан Ѓуроски      крило 202     1991  Пелистер

Љубомир Младеновски силно крило           207     1995  Пелистер

Виктор Ефремовски        бек-шутер   194     1998  Гостивар

Андреј Маслинко крило 208     1997  ТФТ

Кирил Николовски          силно крило           210     1988  Кожув

Лејсон Зекири        крило 203     2001  Приштина-Косово

Андреј Магдевски           бек     192     1996  АСУ Плоешти-Романија

Теодор Симиќ        центар          216     2004  Барселона-Шпанија

Џејкоб Вајли           силно крило           203     1994  Будуќност-Црна Гора

Селектор: Драган Бајиќ

Асистент: Александар Јончевски

Асистент: Адмир Прасовиќ