28.04.2021

„Кога веќе сме влегле во една ваква работа, јасно е дека нема потреба од било какво стравување. Со верба во себе одиме во трката за бодови“

Селекторот Драган Бајиќ со свој став по ждрепката: „Секоја селекција заслужува респект, не стравуваме од никого!

Селекторот на нашата машка сениорска репрезентација Драган Бајиќ ги дозна резултатите од ждрепката во Берлин непосредно пред тргнување на попладневниот тренинг на Игокеа, екипа која од денеска се подготвува за полуфиналето на плеј-офот од АБА лигата.

Исто какао и нашата јавност, Бајиќ е запознат со имињата на селекциите со кои ќе водиме битка за едно од двете места од групата „Ф“, кои водат во следниот круг од натпреварувањето.

„За ова би го нарекол, прекратко време, веќе собрав неколку забелешки за нашите противници во претквалификациите. Секако и со ваша мала помош. Јасно е дека станува збор за добро познати противници, селекции кои беа во истата линија со нашата селекција во претходниот квалификациски циклус за пласман на Евробаскетот. Тоа би ребало да биде некоја олеснителна околност. 

Она што можам да го кажам дека селекцијата на Швајцарија заслужува максимален респект за она што го направи во оние последни квалификации за ЕП. Не е мала работа да се победи една велесила како Србија, макар и во еден комбиниран состав. Тоа треба да ни биде одредница како да се поставиме во августовските натпревари.

Словачка го има Кајл Кјурик, еден од носителите на играта на Барселона. Да не заборавиме на Бродзијански, еден исто така одличен играч кој игра заедно со Нено Димитријевиќ во шпанскиот Хувентуд. Но сепак, тоа се само некои првични информации. Имаме време за целосни анализи на ривалите“.

Берлинската ждрепка не ги промени ставовите, односно начелата по кои Драган Бајиќ се раководи, а така ќе биде и во наредниот период кој ќе му го посвети на оној сениорски дел од работните обврски.

„Знам едно нешто. А тоа е, кога веќе сме влегле во една ваква работа, не треба да се плашиме од никој. Реков, респект за секого, но ние мора да изградиме едно високо ниво на самодоверба. Само така можеме да ги минуваме пречките кои стојат на нашиот пат. Почнувајќи уште од првиот собир, таму некаде во текот на летото. Само да бидеме живи и здрави, се ќе биде како што треба“ – гласи пораката на новиот селектор на нашиот сениорски национален тим.