Женската сениорска репрезентација на Македонија не направи сензација во дуелот со Германија. Но водството по првото полувреме, храбрата игра, и пораз изразен со превисока разлика, особено во однос на настаните на теренот, сепак, донесе доста простор за задоволство.
Како во нашата кошаркарска јавност, така и кај нашиот стручен штаб, предводен од селекторот Владимир Ѓоровиќ.
„Пораз како пораз, нормално, никој не сака да губи. Но за нас ова е пораз кој не боли, затоа што со ова е потврдена онаа добра игра против Хрватска. Тоа е нешто што најмногу ме радува. Сакам да кажам дека одамна не сме одиграле два врзани, вака ‘тврди’ натпревари. Натпревари по кои искрекно се надевам дека ќе го промениме тоа што го имаме во главите. И дека никогаш повеќе нема да бидеме топовско месо за противниците, туку ќе бидеме вистинска конкуренција за нив“.
Имавме предност (33:29) во дуелот со Германија која има неверојатен тим, полн со физичка доминација, со кошаркарски жаргон кажано „сајз“, односно голем број на сантиметри.
„Со стручниот тим направивме анализа на екипата на Германија. И видовме дека нивниот тренер кој сега е главен ‘коуч’ на екипата на Минесота во WNBA лигата, има воиграна екипа, која је доста дисциплинирана. Пробавме константно да го притискаме нивниот плеј, за на тој начин да можеме да ја ‘расипеме’ нивната организација во нападот, и колку-толку да ја анулираме нивната игра на ‘низок пост’. Видовте и самите, немавме ни сила, ни ротација да парираме до самиот крај. Но бевме во игра 36-37 минути“- анализира Ѓоровиќ по овие 40.минути од средбата со Германија.
Селекторот истакнува уште неколку битни моменти по овој натпревар.
„Митрашиновиќ одигра маестрално. Голема благодарност до неа, играше со повреден зглоб. Бонер е светска класа, уште подобар човек. Го даде својот максимум, овој пат и повеќе во одбраната. Трајчевска прикажа доста сериозна, и квалитетна игра. Кметовска и Николиќ го оставија срцето на теренот во борба со германските горостаси. Но, следува посебна пофалба на Пејковска и за Адамовска кои сите минути ги одиграа во пресинг на нивниот плеј Бронхорст, и се подредија на колективот. За останатите девојки има уште време, иднината е пред нив“- го комплетира извештајот по средбата со Германија нашиот селектор.
Може и мора да биде задоволен. Ова е само најава на подобри денови за македонската женска репрезентативна кошарка.