30.10.2020

Подготовките ќе се реализираат во доста специфични услови кои ги креира пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19

Селекторот Ѓоровиќ одбра 17. кошаркарки на кои ќе смета во ноемврискиот циклус на квалификации за ЕП

Пред официјалниот почеток на подготовките за квалификациите за Евробаскетот 2021, селекторот на нашата женска сениорска репрезентација, Владимир Ѓоровиќ ги одреди кошаркарките на кои ќе смета за турнирот во Рига.

За подготовките кои ќе бидат реализирани во Охрид, а потоа и во оние денови на престој во Рига, каде се игра „балонот“ во групата „И“ од квалификациите, Ѓоровиќ одбра вкупно 17. кошаркарки.   

За прв пат во едни доста специфични услови кои ги креира пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19  со која се бори целиот кошаркарски, и спорт воопшто.

„Најголем проблем за мене е што 90% од повиканите кошаркарки, од март па се досега, немаат одиграно некој официјален натпревар. Поради тој факт не можеме да знаеме на што сме, и на кое ниво на подготвеност се наоѓаат. Со самото  тоа, некоја рутина и темпирање на натпреварувачка форма е ставено под голем прашалник“- вели селекторот за актуелниот момент

„Ова е втор ФИБА ‘прозорец’, но сега во услови на пандемија, со подготовки во карантин. Една доста специфична ситуација, но се надеваме на добра адаптација, и она што е добро, десет дена заеднички тренинг и собир во услови на карантин, кој може много да придонесе на создавање на добра атмосфера, ‘внатре’ во тимот“- го истакнува Ѓоровиќ оној позитивен дел од ситуацијата.

Другиот е најавеното присуство на неколку кошаркарки кои треба да ја креираат играта на нашиот женски национален тим.

„Во овој ‘прозорец’ ќе бидеме во значително подобар состав. Посилни за нашиот прв плеј и капитен Митрашиновиќ, која много успешно настапува за екипата на Будуќност од Црна Гора. Матеа Николиќ, една од нашите најперспективни кошаркарки која настапува во силната италијанска лига со која се надевам ќе го решиме проблемот со скок поради тоа што таа ги покрива центарските позицији. И секако Девона Бонер WNBA играч, која ова година изигра полуфинале на во најсилната лига на светот. Девона ги покрива позициите на ниско и високо крило,а како најголем нејзин квалитет е нејзината поливалентност, одличен шут, игра во транзиција и во играта  ‘еден на еден’. Да се повторам, најдобро од сè е овој период во кој ќе бидеме заедно. И ако успееме да реализираме 11. планирани тренинзи во Охрид, и уште пет во Рига, се надевам дека заедно со мојите асистенти Дамнјановски и Ашаданов ќе успееме да ги оствариме поцртаните цели“- дополнува предводникот на нашиот женски национален состав пред да стартуваат планираните активности за овој ноемвриски квалификациски циклус за пласман на ЕП 2021 година.

Според планираното, во недела, на 1. ноември, од 11. часот, репрезентативките и комплетниот стручен тим ќе го поминат задолжителното PCR тестирање од Covid-19 кое ќе биде реализирано во Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.

Наредниот ден, во 10.часот, планирано е тргнувањето за Охрид, и сместување во хотелот „Тино“. Од 18. часот, во салата на СРЦ „Билјанини извори“ е планиран првиот тренинг на нашиот женски сениорски национален тим.   

СПИСОК НА КОШАРКАРКИ ЗА НОЕМВРИСКИОТ ЦИКЛУС НА КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП

1. Нена Трајчевска

2. Aнџелика Митрашиновиќ (Будуќност Бемакс - Црна Гора)

3. Софија Лазареска (Милано Баскет Старс - Италија)

4. Матеа Николиќ (Кампо Бассо - Италија)

5. Ивана Кметовска (КАМ Баскет)

6. Катерина Поп Димитровска (КАМ Баскет)

7. Ивона Пејковска (Вардар)

8. Сандра Лазареска (Бадел 1862)

9. Драгана Јоловиќ (Бадел 1862)

10. Драгана Петковска (Работнички)

11. Сања Адамовска (Бадел 1862)

12. Наталија Секуловска (Бадел 1862)

13. Јована Петрушевска (Вардар)

14. Габриела Модева (Струга 2009)

15. Марија Димитријевиќ (Бадел 1862)

16. Цветанка Димова (Бадел 1862)

17. Девана Бонер (Конектикат Сан – САД)