Големи дилеми имаше предводникот на нашиот сениорски тим во обид да го дефинира финалниот ростер за премиерниот натпревар од втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп кој во 2027 година ќе се одржи во Катар.
Буквално пред последниот тренинг пред мечот во распродадената спортска сала во Куманово, селекторот Марјан Илиевски ги симна дилемите, и го одбра финалниот состав кој ќе влезе во официјалниот протокол за средбата против репрезентацијата на Романија, која стартува од 20.часот, со директен пренос на програмата на МРТ.
Илиевски, во консултации со стручниот штаб, Борче Даскаловски, Мирко Петрески, Миодраг Тодоровиќ се одлучи против Романија да играат:
Андреј Магдевски, кој ќе биде и капитенот на тимот во овој претквалификациски циклус, Виктор Ташовски, Лука Стојановски, Валмир Какруки, Адем Мекиќ, Андреј Митревски, Амар Хот, Теодор Симиќ, Лука Савиќевиќ, Максим Митевски, Џејкоб Вајли и Тома Стојаноски.