21.08.2025

„Повторно ќе ги поканиме играчите кои од некои причини не беа сега во комбинација“

Селекторот Илиевски по завршување на претквалификациите: „Со истиов тим и истите кошаркари би го поминал истиот пат“

Синоќа, во СРЦ „Кале“, со победата над Унгарија (82:75), Македонија го затвори циклусот од претквалификациите за Светскиот куп 2027 година во Катар.

Соочени со голем број на персонални проблеми, на крајот и повреди, како онаа на еден од најискусните во оваа екипа, Адем Мекиќ, нашите најдобри кошаркари стигнаа до триумф на последниот меч во групата „Е“, кој дефинитивно е своевидна награда за оние кои ова лето се одлучија да му се посветена на сениорскиот национален тим.

А селекторот Марјан Илиевски, запрашан за тоа што понатаму, имаше што да им каже на таа тема на присутните новинари на прес-конференцијата по натпреварот со Унгарија:

„Многу поквалитетни репрезентации имаа проблеми со екипите. Ние повторно ќе ги поканиме играчите, кои од некои причини, сега не беа во комбинација. Секој што ќе разговара со мене, може да игра за репрезентацијата.

Уште еднаш го потенцирам проблемот со клубовите, јас сакам играчите да имаат минутажа во своите екипи за да можат да дадат поголем придонес во репрезентацијата.

Не можам да кажам, што би било кога би биле комплетни. A ако ме прашувате, отворено велам: со истиов тим и истите кошаркари би го поминал истиот пат, без никакви промени. Можеби ни требаат пријателски натпревари, но таква е ситуацијата во моментов, ќе видиме“- потенцираше Илиевски пред медиумите на затворањето на августовскиот ФИБА „прозорец“.