Вечерва во СРЦ „Кале“ од 19 часот (влез слободен) ни гостува во овој момент, еден од најдобрите европски тимови во женска конкуренција, репрезентацијата на БиХ.
Селекција која го потврди тоа уште во првото коло од квалификациите со победата над веројатно и главниот фаворит во групата „А“, Белгија.
Имаа Босанките и плус од 26.поени на тој натпревар во сараевска „Скендерија“. Во голема мерка по заслуга на феноменалната Џанкиел Џонс, која имаше монструозен дабл-дабл од 44.поени и 22. скока. Но на крајот мораа да се задоволат со плус од „само“ шест поени (87:81).
„Денеска во кошарката нема лесни противници. Мораме сериозно да му пристапиме на натпреварот, како и на секој друг. Очекувам победа и доаѓаме по неа во Скопје, но мораме да бидеме фокусирано. Некои нè потценија и на Евробаскетот. Мислеа дека сме таму само за да се појавиме. И тоа им се удри од глава на некои, на пример на Белгија уште во првото коло. Нема аутсајдери“ – вели селекторот на БиХ, Горан Лојо пред вечерашниот натпревар против нашата најдобра селекција.