Евролигата ќе го „крои“ конечниот список на „зборнаја“...
Сергеј Базаревич, селекторот на националниот тим на Русија, го објави поширокиот список од 24. играчи на кои ќе смета за февруарскиот квалификациски циклус.
На истиот, во најголем број се имињата на играчите од ЦСКА од Москва, Химки од Московскиот регион, и Зенит од Сан Петерсбург. Сите три евролигашки екипи, кои му создаваат дилеми на предводникот на „зборнаја“ во пресрет на двата меча. Прво оној на 20. февруари против Италија во Неапол, и три дена подоцна, против нашата селекција, во Перм.
Јасно е и зошто, особено ако се земе в предвид дека паралелно со квалификациите се играат и мечевите од Евролигата.
„Кога ги повикувавме играчите за овој собир, ние бевме свесни дека паралелно со квалификациите ќе се играат мечевите од Евролигата каде се ЦСКА, Химки и Зенит. Направивме консултации со клубовите на таа тема, односно кого можат да ослободат од обврските, а кој не. Но до почетокот на собирот во Новгород, има доволно време да најдеме некое разбирање со нив, и да го прилагодиме списокот. Засега списокот изгледа вака. Но тоа не е конечно. Има уште неколку играчи што ги гледаме, односно ги имаме в предвид“- објаснува Базаревич.
Календарот на Евролигата вели дека на 20, односно на 21.февруари, на програмата се мечевите од 25.коло во кое во првиот термин, Зенит ја дочекува Алба а Химки гостува во Милано. А следниот ден „црвената армија“ е во Белград, на дуел со Црвена Ѕвезда.
Теоретски сето тоа изгледа дури и изводливо. Но само за вториот меч, токму оној против нашата селекција кој е предвиден да се одигра на 23. февруари.
Но како би изгледало сето тоа, без заеднички тренинзи со останатиот дел од селекцијата, тоа е веќе прашање за Базаревич.
Доколку евролигашкиот „трилинг“ не ги ослободи своите играчи, тоа ќе биде сериозен хендикеп за руската репрезентација.
Затоа што Базаревич нема да може да смета вкупно десет играчите од поширокиот список како: Михаил Кулагин, Семен Антонов, Андреј Воронцевич, Џоел Боломбој (ЦСКА), Алексеј Швед, Сергеј Карашев, Дмитриј Кхвостов, Вјацеслав Зајцев (Химки), Андреј Зубков, Владислав Трушкин (Зенит).