Предводникот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, и следната сезона ќе седи на клупата на романскиот прволигаш Крајова, каде што работеше во изминатите две години.
„Немаше причини поради кои соработката со Крајова не требаше да биде продолжена. Факт е дека се наоѓаме во едно вакво невреме кое со себе го донесе пандемијата на коронавирусот, и во кое навистина многу работи остануваат нејасни. Но, моите обврски кон Крајова се реализирани максимално професионално. Овој играчки кажано, ’мртов период’ го искористивме за индивидуална надградба на играчите кои се во клубот. Ќе работиме уште еден извесен период. И веќе на 15.јули, ако се биде во ред, и како што очекувам, ќе се вратам во Скопје, каде ќе се префрлам на оние репрезентативни активности, секако под услов да имаме некои здравствено гледано, нормални услови за функционирање“- порачува од Крајова предводникот на „црвено-жолтите“.
Инаку, за актуелниот селектор на Македонија ова ќе биде четврта сезона во романското првенство, со оглед што првата во оваа земја ја мина како тренер на Динамо Букурешт.
Освен во Романија, Александар Тодоров предводеше и тимови од Турција (Чукурова), Бугарија (по три години во Рилски спортист и Балкан) а работеше и во Косово, како шеф на стручниот штаб на Пеќ.