09.12.2020

„Тоа што се игра во Русија не е изненадување, повеќе сум изненаден од одлуката да играме четири меча во пет дена“

Селекторот Тодоров за променетиот календар: „Во Перм нè чека еден убиствен ритам, треба добро да се подготвиме за тоа“

Не одигравме два меча во Талин, но затоа пак ќе мора да одиграме дури четири во Перм.

ФИБА направи „апдејт“ во календарот на натпреварите во „Б“ групата од квалифиакциите за Евробаскетот 2022. Далеку од поволен за нашиот сениорски национален тим во обидот да се стигне до пласман на завршниот турнир од Европското првенство.

Селекторот Александар Тодоров вели дека тоа што турнирот ќе се игра во Русија и не е некое големо изненадување. Многу повеќе е загрижен за решението на ФИБА, во Перм да одиграме четири натпревари во перидот од 18. до 22. февруари, 2021 година.

„Одлуката да се игра во Русија за мене не е изненадувачка, бидејќи, горе-долу, тоа го очекувавме. Повеќе сум изненаден од решението да се играат четири натпревари. Со само еден ден пауза помеѓу вториот и третиот, кое за нас може да преставува голем проблем. А згора на сè и последниот натпревар во тие пет дена да биде токму оној со Естонија. Но истиот распоред го доби и Унгарија, која исто така не успеа да одигра ниту еден натпревар во последниот прозорец. За нас останува да се подготвиме како да го преживееме овој убиствен ритам“- констатира Тодоров.

Од оваа временска дистанца, селекторот издвојува неколку фактори кои би можеле да се покажат како клучни во тој „пекол“кој со себе го носи турнирот во Перм.

„Неколку фактори се важни: Прво, каква ситуација ќе имаме со заболени од корона вирусот и генерално, со повреди во тој февруарски циклус, бидејќи единствен начин да се справиме со овој календар е една широка ротација од 12 играчи, веројатно и да имаме 14-15 играчи на располагање. Со идеја, на клучните кошаркари да им дадеме барем еден екстра, односно слободен ден за одмор.

Второ, треба да видиме каква среќа ке имаме со летовите до Перм. Минатиот пат имавме сосема добра конекција, но сега сме сведоци на секојдневно откажување на летови. Затоа, треба да почекаме, да видиме дали ќе може да го најдеме најбрзиот пат до Перм.

И трето, треба да видиме колку денови порано ќе ни биде дозволено да отпатуваме за Перм, со оглед на големата часовна разлика и можноста за прилагодување на истата“- уште сега бара решенија предводникот на нашата најдобра селекција.

И покрај овие дополнителни проблеми, за Тодоров е најважно нашиот национален тим максимално подготвен да ги дочека овие четири средби планирани да се одиграат во само пет дена.

„Како и да е, има цели два месеци до тие средби. Тоа што сега е приоритет е репрезентативците да може да играат натпревари со своите клубови. Да нема непредвидени прекини, карантини и одложувања. И да се надеваме дека за два месеци ќе има можност за вакцини, како би ги имале сите кошаркари на располагање, барем од аспект на ризикот кој со себе го носи корона вирусот“- заклучува Тодоров по одлуката на Бордот на ФИБА за „дополнување на календарот“ во февруарскиот „прозорец“.