Кошаркарска Македонија има за што да се радува овие денови. Момците од селекцијата „Под 20“ години успеа во она што планираше пред да почне првенството во Скопје.
Да обезбеди место на подиумот, да заработи билет за „А“ дивизијата.
Освен тоа, момчињата кои ги избра селекторот Никола Василев, направија и чекор повеќе. Стигнаа до големото финале на Евро-шампионатот чии домаќини бевме во изминатите две седмици
Василев со анализа на одработеното, во која, како што вели, остварена е онаа главна цел – пласманот во „А“ дивизијата во најсилната, највозрасната категорија на европските младински шампионати.
„Иако го почнавме првенството со пораз , сепак играчите и ние во стручниот штаб останавме до планот да одиме од натпревар во натпревар. И знаевме што правиме. Ја темпиравме формата за натпреварот со Бугарија, кој скоро во сите комбинации ќе беше важен за изгледот на табелата, односно за првите две места во групната фаза“ – вели селекторот на нашиот младински состав.
Сепак, се чини дека од ова аперспектива гледано, токму од натпревар во натпревар, и тимот растеше како тим?
„Во четвртфиналето ја совладавме Велика Британија. Но останавме без Андреј Митревски, кој заработи повреда на стапалото. Сепак на тој натпревар победи тимскиот дух, и тимската игра која ја градевме низ целиот подготвителен период, А со триумфот над Украина стигнавме до финалето кое ни донесе промоција, место во А дивизијата за наредната натпреварувачка година во календарот на ФИБА“.
Еден од битните фактори за големиот успех,за Василев е играта во одбраната...
„Мислам дека одигравме доста добро во одбраната низ целиот турнир, за која секако дека не одлучуваше талентот на играчите туку желбата, дисциплината и фокусот на играчите. Кога би резимирал, а такво е времето по завршување на првенство, би кажал дека тимскиот дух и тимската игра, правилниот пристап, и желбата за докажување беа клучни фактори за нашиот успех“.
Она што е исто така особено важно е дека од оваа селекција која ја направи Василев, половина од играчите се родени 2004 година, односно имаат право на настап во новиот циклус, односно во „А“ Дивизијата.
„Токму така, во овој тим има шест играчи кои може да играат и наредната година. Тоа е големо наследство, и веројатна најголема придобивка од направеното. Оставивме ‘простор’ за генерацијата која што доаѓа. Затоа сакам да им се заблагодарам на овие 12, пред се, одлични личности па потоа и играчи, но и на сите други играчи кои учествуваа во подготвителниот период на репрезентацијата. За давањето на оној свој максимум на секој од тренинзите и на натпреварите. Овие момци уште од првиот ден успеаа да се адаптираат на сите предизвици што им ги поставивме и ги баравме од нив. Не се откажуваа, и на крајот сето тоа се 'исплатеше'. Верувам, и се надевам дека овие момци во блиска иднина ќе ја претставуваат Македонија и во сениорската репрезентација, на ист начин како што тоа го направија на овој шампионат“.
Не заборава Василов ниту на своите соработници со кои делеше „и добро и лошо“ во изминатиот период...
„Исто така, да се заблагодарам на стручниот штаб, на Нино Чачиќ, Миодраг Тодоровиќ и Тони Богдановски, кои секој во својот дел, неуморно си ја вршеа својата работа. Секако, и на нашите две дами во тимот, Бранка Ступар и Др. Веселинка Лалчевска кои се грижеа за здравјето и телата на нашите играчи.
На крајот, сакам да се заблагодарам на раководството на Македонската кошаркарска федерација која ми даде шанса и поддршка во изминативе три години да ја водам оваа генерација на талентирани кошаркари.
И секако благодарност до целата кошаркаска јавност, и до публиката која нè бодреше и ни даваше огромна поддршка за време на целиот шампионат. Сето тоа се особено важни фактори кои дадоа свој ‘печат’ во овој заеднички успех“- заклучува Василов по успешно одработената задача по која Македонија е промовирана во нов член на елитата во европската младинска репрезентативна кошарка.