Машката сениорска репрезентација денеска се врати од Маврово каде работеше во изминатите седум дена. На падините на Бистра нашите најдобри кошаркари го поминаа оној базичен дел од подготовките, секогаш најтежок во подготвителниот период.
Еден од најискусните во националниот тим, Бојан Трајковски, со свои впечатоци по сработеното на нашата планинска убавица.
„Она поради што и дојдовме во Маврово, според мене, го реализиравме во целост. Период на максимална, колективна соработка, онака како што треба да функционира една национална селекција. Дополнето со одлична работа од сите кои се дел од селекцијата. Она што е особено важно, е што ‘работевме’ и на покачување на оној тимски дух, и тоа како потребно за одлично функционирање на тимот кој треба да донесе резултат во претквалификациите за Светскиот Куп. Хемиjата, заедно со постоечкиот квалитет, е таа која треба да нè води на патот кон успехот на средбите со Словачка и со Швајцарија“- анализира Трајковски.
За новиот капитен на нашата сениорска репрезентација е важен и еден друг момент.
„Освен мали, ситни повреди, овие седум дена ги одработивме на едно максимално ниво, за кое многу ни помогнаа и луѓето од стручниот штаб. Сега, кога ја имаме основата, кога ја имаме хемијата во екипата, одиме понатаму во подготовките“.
Четврток е ден за одмор, веќе наредниот ден, сениорите продолжуваат со реализација на планираните активности кои во наредниот период ќе бидат во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
„Ни недостасуваат натпревари, се надевам дека во периодот кој следува и тоа ќе дојде на ‘дневен ред’, и дека ќе провериме што досега сме работеле. Но реков добрата, работна атмосфера е предуслов за успех. Ќе настојуваме да ја подигнеме на уште повисоко ниво. Продолжуваме со работата во Скопје, и на сите нас кои сме тука, со тимот, останува да се подготвиме максимално за она што следува во август“- вели Трајковски.