28.11.2018

Сениорите го одржаа првиот собир

Нашата репрезентација во машка сениорска конкуренција денеска го одржа првиот собир во пресрет на вториот прозорец од втората рунда на претквалификации за Евробаскет 2021.

На првата прозивка одговорија тринаесет кошаркари од петнаесет повикани со исклучок на Шејн Витингтон кој пристигна во Скопје непосредно пред собирот како и Стојан Ѓуроски кој ќе пристигне во текот на утрешниот ден. Селекторот Јорданчо Давитков ќе пристигне во утринските часови в четврток.

Македонија ќе одигра само еден натпревар во овој прозорец, против Косово в недела (2. декември) со почеток во 17:45 во Гевгелија.

Сениорите ќе тренираат два дена в Скопје, а потоа ќе заминат во јужниот дел на републиката каде ќе ја финишират формата за натпреварот в недела.

„Ако Косово ја победи Романија, ние може да си ја завршиме работата во недела, но не верувам во таков исход. Ние ќе одиме чекор по чекор, да се зависи од нас и да не чекаме на други средби. Работиме в недела да го победиме Косово и да си одлучуваме сами за себе, а не да чекаме на други две репрезентации како во циклусот за СП 2019. Мечот ќе се игра во Гевгелија, кој прераснува во еден кошаркарски град и каде навивачите знаат да дадат поддршка. Кожув и Блокотехна имаат одлична публика, која ја препознава играта. Ќе биде плус за нас пред полна сала да се покажеме во добро светло и да дојдеме до позитивен исход“ – Потенцира Александар Јончевски.

И покрај најавите за промените во ростерот, кошаркарите велат дека нема да го потценат противникот.

„Нема да биде воопшто лесно да се совлада Косово. Можеби полеснителна околност ќе н ибиде ако за нив не игра најавениот кошаркар од САД. Но, ние не треба да размислуваме толку за нив, туку за нас. Треба добро да се подготвиме и да атакуваме на посакуваната победа. Лично, играм во добра форма во странство, се надевам дека истото ќе го пренесам и во националниот тим. Сите сплотени, сакаме да дојдеме до победа“ – истакна Бојан Трајковски.

Позитивна енергија во тимот и високо ниво на концентрација ќе бидат потребни во наредните неколку дена.

Дуелот со Косово е исклучително важен за нас. Многу ќе зависи нивната игра од првиот дуел од овој прозорец со Романија. Можеби противникот да дојде ослабен, затоа што нема да игра со натурализиран кошаркар. Не треба ништо да оставаме на случајност, треба да одиграме како што знаеме и сами да си ја завршиме работата. Кај Косово опасноста ја гледаме кај центарот Шоши, како и Бериша. Треба добро да ги затвориме. Играме во наша сала, во наша држава, реално, се е на наша страна. Треба само да одиграме најдобро што можеме. – додаде Димитар Караџовски.

Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарата на спортската сала „26 април“.