Денеска сите патишта водат кон Гевгелија, кон спортската сала „26 април“ каде во 17часот и 45 минути нашите сениори ќе го започнат третиот натпревар во рамки на втората претквалификациска рунда за Евробаскет 2021.
Две победи зад себе имаат храбрите момци кои Јорданчо Давитков ги селектира да излезат на теренот во септемврискиот прозорец. Ја совладавме Романија на домашен терен со 90-76, а неколку дена претходно го совладавме и добропознатиот состав од Косово (73-76) со кого ќе си ги одмериме силите ова попладне.
Победа над Косово денеска ќе значи задржување на првата позиција на табелата во групата Б која носи пласман во квалификациите за Евробаскет 2021.
Сениорите имаат ист став - да не дозволиме математиката да ја има главната улога во оваа рунда. Да ја завршиме нашата работа како што треба, со стабилна игра на терен и концентрација на највисоко ниво и да ги искористиме сите предности што ги имаме - игра на домашен терен, пред полни трибини исполнети со љубители на кошарката. Билетите се распродадоа неколку часа откако беа пуштени во продажба што дополнително зборува за интересот за кошарката како и за желбата да им се даде поддршка на момците кои ги бранат националните бои во кошаркарскиот репрезентативен дрес.
Сите навивачи кои не успеаја да купат билет и нема да можат да го проследат натпреварот од трибините во Гевгелија ќе можат да го проследат пред малите екрани со ТВ приемниците на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ). Ќе биде достапен и Livestream на YouTube каналот на FIBA на следниот ЛИНК.