19.07.2019

Сениорите од шестиот шешир ќе ги чекаат противниците за квалификациите за ЕП2021

Триесет и две репрезентации од Европа ќе се натпреваруваат во квалификациите за Европското првенство кое ќе се одигра во 2021 година, во Чешка, Грузија, Германија и во Италија.

Првиот квалификациски прозорец е предвиден да се одигра во февруари 2020 година, вториот во ноември истата година, а последниот прозорец во февруари 2021 година.
Осум групи ќе бидат составени од по четири тимови. Системот налага да секоја репрезентација одигра натпревар против сите противници во групата, на домашен и на гостински терен.

Првите три тима од секоја група, со исклучок на организаторите, ќе се квалификуваат на Евробаскет 2021. Од групите каде ќе бидат сместени организаторите ќе се пласираат две репрезентации.

Ждребот е закажан за в понеделник (22. јули) во Минхен, со почеток во 12:30 и ќе биде пренесуван во живо на YouTube каналот на ФИБА.

Нашата репрезентација е сместена во шестиот шешир, заедно со Унгарија, Босна и Херцеговина и Холандија и против овие репрезентации нема да игра во евроквалификацискиот циклус.