Претквалификациите за Евробаскет 2021 започнаа минатата календарска година, в ноември, а нашата А-селекција во машка конкуренција запиша три победи на три одиграни натпревари во рамки на првата фаза од овој циклус. Засега, македонската репрезентација е на првото место на табелата во групата А. Со заверување на првото место, Македонија ќе се пласира во втората рунда од претквалификациите кои според распоредот на ФИБА ќе започнат со одигрување во септември, тековната календарска година.
На нашиот распоред од оваа прва претквалификациска фаза, останува уште само еден натпревар – против соодветната сениорска репрезентација на Швајцарија.
Швајцарците во февруари дојдоа в Скопје, со надеж дека ќе запишат втора победа во исто време нанесувајќи ни го нас првиот пораз, но тоа сценарио не се оствари. Јорданчо Давитков самоуверено ги водеше своите избраници на паркетот до нова, трета победа со 83-68.
Математиката вели, за да остане Македонија на првото место на табелата и да се пласира во втората рунда претквалификации, потребна е победа или евентуален пораз до 15 поени негатива.
Кошаркарите во текот на вчерашниот ден заминаа за Фрибург и го истестираа теренот на кој денес со почеток во 19часот и 30минути ќе си ги одмерат силите со Швајцарија, вторпат оваа година.
Селекторот Давитков на располагање ги има кошаркарите: Стојановски (В), Стајиќ, Штерјов, Мекиќ, Костоски, Магдевски, Ѓуроски, Трајковски, Крстевски, Стојановски (Д), Караџовски и Витингтон.
Натпреварот ќе биде пренесуван во живо на YouTube каналот на FIBA и ќе може да се проследи на следниот ЛИНК.