Нема многу време за анализа по поразот од Словачка на првото од двете планирани гостувања во третиот и последен ФИБА „прозорец“ од претквалификациите за Евробаскетот во 2025 година.
Нашите најдобри кошаркари, преку Виена дојдоа во Осло, каде во недела навечер, од 18.часот, во „Нордстранд“ Арената ќе го играат последниот натпревар од овој претквлификациски циклус.
Исклучително важен од чиј што исход ќе зависи и конечниот изглед на табелата во групата „Д“.
Стручниот штаб на нашата сениорска репрезентација предводен од селекторот Александар Јончевски, не губеше време и веднаш по пристигнувањето во Осло, и краткиот одмор, во време на одигрувањето на натпреварот од 6. коло, во хотелот во кој е сместена нашата делегација, одработија еден тренинг за рекуперација.
Согласно со планираните активности, во „Нордстранд“ Арената ќе се тренира и денеска, од 12 до 13.30, односно од 18. до 19.30 часот, а „црвено-жолтите“ ќе одработат едночасовно „загревање“ и на денот на одигрувањето на натпреварот, во недела, од 10 до 11 часот.