Нашата национална селекција во машка сениорска конкуренција со победа го стартува првиот прозорец во рамки на претквалификациите за Евробаскет 2021. Прв противник ни беше ’должникот’ од летото Словачка на која и запаметивме, па и вративме кога ’се важи’. Словачка падна среде Попрад со 66-74 односно 22-23, 8-21, 13-15 и 23-15 по делници.
Јорданчо Давитков успее да го извлече максимумот од своите избраници кои уште од стартот на натпреварот беа доминантни по целиот терен. Голем дел од акциите на паркетот ’одеа’ преку Хендрикс кој ја презема улгоата на лидер и ги водеше своите соиграчи кон сигурен триумф. Се разигра и капитенот Војдан Стојановски што придонесе за зголемување на разликата на 14 поени на поувремето (30-44). Следеше мал пад на концентрацијата во играта. Не успеавме да организираме напад, а брзите грешки на противникот не успеавме да ги искористиме во наша полза. Домаќинот намали и на четири поени (55-59) кон средината на последниот период, но и покрај тоа немаше несигурност во нашите редови. Искусниот Дарко Соколов знаеше како да изнуди фаул кога е најпотребно со што разликата одново се зголеми во наша корист, до конечни 66-74.
Ричард Хендрикс е на врвот на листата на стрелци со дабл-дабл ефект од 21 поен и 14 скока. Еден поен помалку запиша капитенот Војдан Стојановски на кои придодаде и шест асистенции. Соколов, Ѓуроски и Дамјан Стојановски релизираа по осум поени, пет поени запиша Крстевски по два поена реализираа Караџовски и Младеновски.
За три дена ќе го одиграме вториот натпревар од овој прв прозорец во рамки на претквалификациите за Евробаскет 2021, против Швајцарија.
Натпреварот ќе се одигра в недела (26. ноември) со почеток во 20 часот и 45 минути во големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“. Влезот е бесплатен.