Женската сениорска репрезентација со вечерашниот прв тренинг реализиран во малата сала на СРЦ „Кале“ ги стартуваше подготовките за она што следува следната седмица.
Двата натпревари од вториот круг од квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2023 година. Првиот, на гостински терен, против репрезентацијата на Белгија, и три дена подоцна, на 27. ноември, во Скопје, кога ја дочекуваме репрезентацијата на Германија.
Селекторот Александар Ашаданов и неговиот асистент Атанас Димов на првиот тренинг ги дочекаа следниве кошаркарки:
Јелена Антиќ, Едина Муса, Илина Селцова, Марија Димитријевиќ, Цветанка Димова, Соња Адамовска, Катерина Поп-Димитровска, Драгана Петковска, Михаела Алексовска, Теа Митрева, и новата натурализирана Американка со македонски пасош, Мерит Хемпе.
„Со оглед на тоа дека ќе се комплетираме од ден на ден, овие воведни тренинзи ќе ги искористиме да се ‘запознаеме’. Што се вели, сакам да видиме со што навистина ќе располагаме во овој ‘прозорец’ на ФИБА, вклучително и со новиот член на нашата најдобра селекција, Мерит Хемпе. Овие кошаркарки кои се на овој прв тренинг ќе бидат дел од тимот во кој до понеделеник попладне ќе бидат вклучени и кошаркарките кои настапуваат во странство, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска и Матеа Николиќ, по што ќе ги селектираме финалните 12 кои ќе патуваат за Белгија, каде го играме првиот натпревaр од овој ноемвриски ‘прозорец’“- појаснува селекторот Ашаданов.
На тренингот беше присутна и капитенот на нашиот женски национален тим, Анџелика Митрашиновиќ. Во очекување на резултатите од лекарските прегледи, ќе биде одредено дали и кога ќе може да се вклучи во тренажниот процес за овие два натпревари од квалификациите за Европското првенство кое во 2023 година ќе се одржи во Израел и во Словенија.