Подготовките, прво оние во Охрид, сега и овие во Рига завршија. Пред нашата женска сениорска селекција е продолжението на квалификациите за пласман на Евробаскетот 2021.
За прв пат во видно променети услови, во т.н. „балон“ во главниот град на Летонија, денеска и во сабота, избраничките на селекторот Владимир Ѓоровиќ ќе се обидат да ни дадат многу подобра „слика“ на реалните можности на овој наш национален тим.
Посилни за присуството на Девана Бонер, на капитенот Анџелика Митрашиновиќ, поискусни за оние два меча во февруари, тргнуваат нашите девојки кон денешниот предизвик. Дуел, против силната селекција на Хрватска, закажан за 15.30 часот во олимпискиот спортски центар во Рига.
Свесен е селекторот Владимир Ѓоровиќ дека ќе биде исклучително тешко против интернационалниот состав на Хрватска. Очекувањата одат во насока, овој наш доста променет национален тим биде многу подобар во однос на прикажаното на првите два меча во овие квалификации.
„Очекувањата, подобро кажано нашата цел е да бидеме многу, многу подобри отколку во првиот ФИБА ‘прозорец’. Противниците да почнат да нè респектираат. Да бидеме што е можно подолго ‘внатре’, во натпреварот, без празни минути. Да отскокне некој од младите играчи и над сè, да го зајакнеме и да го правиме култот на национален тим“- вели Ѓоровиќ пред денешниот меч против далеку поискусниот тим кој го одбра неговиот колега Стипе Бралиќ.
Јасна е и основата за некои вакви размислувања на селекторот...
„Во овој ‘прозорец’ влегуваме во значително подобар состав. Посилни сме за нашиот прв плеј и капитен Анџелика Митрашиновиќ, која много успешно настапува за екипата на Будуќност. Матеа Николиќ, една од нашите најперспективни кошаркарки која игра во силната италијанска лига. Играч со која се надевам дека ќе го решиме проблемот со скокот, поради тоа што ги покрива центарските позицији. И секако Девона Бонер, WNBA играч, која ова година играше во полуфиналето на најсилната лига на светот. Девона ги покрива позициите на ниско и високо крило. А како најголем нејзин квалитет е нејзината поливалентност, одличен шут, игра во транзиција и во играта ‘еден на еден’. Треба да го искористиме тоа на овие мечеви во Рига“.
За првиот противник на турнирот во Рига, Ѓоровиќ вели:
„Репрезентацијата на Хрватска е еден одлично вкомпониран тим, со главна цел, играње на Европското Првенство. Предводена од искусен стручњак Стипе Бралиќ, кој во 2012 година ја однесе Хрватска на Олимпијадата во Лондон. Хрватска е лидер во групата и најголем фаворит. Имаат две победи во првиот ‘прозорец’ со многу битен ‘брејк’ со Летонија на гостински терен. Екипа која игра многу брзо во двете фази. Одлична во транзиција, одлична внатрешна игра која им отвора добар шут за три поени. Екипа која е доста агресивна во одбрана, со постојан притисок на топка и прво додавање. Екипа која е спој на искуството и младоста.
Од играчите се издвојува Дојкиќ, плејмејкер на евролигашот УСК Прага. Таа е лидер и мотор на екипата. Перица е искусен играч на позиции ‘2’ и ‘3’, со многу добар шут за три поени. Тиквиќ и Бегиќ ги покриваат центарските позиции и двете настапуваат во италијанското првенство. Не знаеме кој ќе игра во Рига, но во секој случај тоа е исклучително квалитетен состав, фаворит за првото место во групата“- анализира нашиот селектор.
Во вториот меч од овој турнир, од 18.45 часот, ќе играат селекциите на Германија и на Летонија.
Натпреварот МАКЕДОНИЈА - ХРВАТСКА може да се проследи на следниот ЛИНК поставен на официјалната веб-страна на ФИБА.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021
ГРУПА И
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ДЕНЕСКА:
15.30: МАКЕДОНИЈА - Хрватска
18.45: Германија – Летонија
ТАБЕЛА
1.Хрватска 2 2 0 176:151 4
2.Германија 2 1 1 191:133 3
3.Летонија 2 1 1 163:122 3
4.МАКЕДОНИЈА 2 0 2 79:203 2