31.03.2017

Сениорките повторно се враќаат на кошаркарската сцена, целта е јасна – пласман на ЕП 2019!

Сениорската женска репрезентација пријавена на квалификациите за Евробаскет 2019

Сениорската репрезентација во женска конкуренција по три години отсуство од кошаркарската сцена во Европа ги започнува активностите. Она што претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, како и генералниот секретар Моника Гаврилоска го најавија минатата година на собирот со сениорките оваа година ќе стане реалност – националниот А-тим ќе земе учество на квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2019 година!

Амбициите на националниот тим во женска конкуренција се и повеќе од очигледни – пласман на едно Европско првенство кое би било прво за сениорките во историјата на Република Македонија.

Ждребот за групите ќе биде одржан по завршувањето на Европското првенство што оваа година ќе се одржи во Чешка, на 4. јули 2017 година во Минхен, Германија.


Сите селекции ќе се натпреваруваат во двокружен систем (дома-гости). Првите евроквалификациски натпревари ќе се одиграат на 10. и на 14. ноември 2017 година, а вторите наредната година (2018 година) на 10. и на 14. февруари додека последните натпревари од квалификациите ќе се одиграат на 17. и на 21. ноември 2018 година.

Само 16 национални селекции ќе земат учество на Европското првенство во 2019 година од кои едно или две ќе бидат резервирани за домаќинот односно домаќините.

Последна активност на националниот состав во женска конкуренција се квалификациите за Евробаскет 2015 одржани во 2013 година, кога сениорската репрезентација не успеа да избори пласман на еден континентален собир.