19.08.2022

Новиот играч на турската Коња го одработи првиот тренинг

Сениорскиот тим е комплетиран, се приклучи и Николов

Кристијан Николов е во Скопје, и по доаѓањето од Турција веднаш му се стави на располагање на стручниот штаб на „црвено-жолтите“ предводен од Александар Јончeвски.

Веќе искусниот плејмјекер во одлично расположение до дочека враќањето во националниот тим, откако во меѓувреме ги смени клупските бои, па во наредниот период ќе го носи дресот на турскиот прволигаш Коња:

„Имаме нов селектор и ова е нов предизвик за сите нас. Секако е дека ќе дадеме се од себе, тука сме секогаш за националниот дрес. Можам да кажам дека ќе се бориме до крај и дека ќе одиме на што е можно подобри резултати. Ние посакуваме победи на двата меча. Оваа Македонија која ја имаме сега можеби е најкомплетната во изминатиот период.

Ни фалат неколку играчи, тоа е точно, но досега сме можеби најкомплетната репрезентација која сме ја имале, барем од таков поглед. Нашите мисли се насочени кон Данска, сега сите играат кошарка, сите напредуваат и сакаат да победат. Нема да ни биде воопшто лесно, но ние тука сме да одиграме максимално и да изгинеме за секоја топка затоа што играме за Македонија“ -  потенцира Николов непосредно пред неговиот прв тренинг во подготовките за средбите со Данска на 25. август во Нествед, и на 28. август против Словачка во Скопје.