Американецот со македонски пасош, Шејн Витингтон ќе ги смени клупските бои во текот на ова лето, откако раководството на Реал Бетис му соопшти на нашиот актуелен репрезентативец дека во следната сезона нема да смета на неговите услуги.
Оваа сезона, високото крило одигра 23 средби во„Ендеса“ лигата и имаше солиден просек од 8.4 поени и 4.5 скокови, за 19 минути поминати во игра на еден натпревар во просек.
Но клубот од Севилја сепак реши да не ја продолжи соработката.
„Сакаме да му се заблагодариме на Шејн за работата и посветеноста за остварување на клупските цели. Воедно, му посакуваме многу среќа во натамошниот дел од кариерата, што ќе се одвива во Јапонија“- соопштија од раководството на Бетис.
На двата квалификациски дуели на Македонија за пласман на ЕП 2021 година, против Естонија, односно Русија, 211 сантиметри високиот Витингтон реализираше просек од 14.5 поени, седум скока и две асистенции.