05.06.2017

Шкупи се откажа од организирање на Ф4 (М18 мажи), натпреварите ќе се одиграат во малата сала на Кале

Доцна синоќа КК Шкупи со допис до Македонската кошаркарска федерација се откажа од организирање на завршниот турнир во возрасната категорија до 18 години, машка конкуренција. Според информациите кои ни пристигнаа од клубот, спонзорот кој требаше да го поткрепи организирањето се откажал, поради што клубот е приморан да се повлече од организирањето.

Македонската кошаркарска федерација го презема товарот за организација на уште една завршница  во тековната сезона. Натпреварите ќе бидат одиграни по предвидениот распоред, со непроменети термини, но наместо во спортската сала „Шабан Трстена“ во скопската населба Чаир, натпреварите ќе бидат одиграни во спортската сала на Вардар (мала сала „Кале“).

Првиот полуфинален дуел, помеѓу екипите на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром ќе биде одигран во 17:30  часот додека во рамки на второто полуфинале кое е закажано за во 20:15 часот ќе се пресметаат Вардар и Шкупи.