Натпреварот од 5. коло од квалификациите за Светскиот Куп 2023, помеѓу селекциите на Шпанија и на Македонија, ќе се игра на 1. јули во Сарагоса.
Вака одлучи раководството на Шпанската кошаркарска федерација и ја информираше нашата федерација пред продолжението на квалификациската трка за места кои вода во наредната фаза, и на Мундобаскетот кој догодина ќе се одржи во Јапонија, Филипини и во Индонезија.
На првиот ден од јули ќе играме против топ-фаворитот во групата „Г“ во салата која го носи името на „Принцот Фелипе“. Место каде своите натпревари ги игра членот на АЦБ лигата, Касадемонт Сарагоса.
Станува збор за едно модерно здание, во кое првиот кошаркарски натпревар бил одигран на 17.април, 1990 година, а има капацитет од 10.744 седишта, кои, извесно е, ќе бидат максимално пополнети, како што е впрочем и насекаде во Шпанија кога игра актуелниот светски шампион.