Во просек, екипата од Гостивар добива по 40. поени од американско-српскиот тандем, Доналдсон-Џелетовиќ...
Со игрите, или подобро кажано резултатот во овој прв дел од првенството, екипата на Гостивар е некаде во рамките на посакуваното.
Во 11. натпревари забележаа скор од осум победи и три порази, што во овој момент е доволно за втората позиција на табелата.
И иако кошарката важи, и отсекогаш била колективен спорт, се чини дека кога се зборува за Гостивар и оној колективен ефект, во преден план се појавија две имиња. Оние на Ѓорѓе Џелетовиќ, и пред се, она на Донован Доналдсон.
Гледано поентерски тоа се двајцата играчи кои ги одбележаа овие 11.круга од шампионатот. Пред се затоа што на екипата и даваат по скоро четириесет поени по натпревар.
Од нив Џелетовиќ испорачува по 20.1, а Доналдсон нешто помалку, 19.7 поени по натпревар.
Интересно, тоа се и единствените во тимот кој го предводи Марјан Србиноски со двоен број на поени. Блиску до тој ефект се Ивица Димчевски со 9.8, односно Ренато Димитриески, кој е на просек од 9.4 поени по меч (а ги одигра сите 11).
Она што е исто така впечатливо е дека иако „по вокација“ е бек, Доналдсон има највисок скокачки просек. Има по 5.9 скока по натпревар со кои е повторно пред Џелетовиќ кој има 5.5.
Многу пореално е што американскиот бек доминира и во една друга категорија-асистенциите. Во „отсуство“ на Александар Костоски, кој поради повредата прескокна неколку мечеви, Доналдсон е прв додавач во екипата – просек од 4.8 асистенции, додека пак Костоски остана на 3.4 во оние седум одиграни натпревари.
Во текот на овој прв дел, тренерот Марјан Србиноски „употребил“ 13.кошаркари. А и тука, кога се мери бројот на минутите, најмногу добил Доналдсон (32.6) и Џелетовиќ (31.5).
Седуммина од нив одиграле, односно се појавиле на сите 11. мечеви.
Процентуално гледано, Ренато Димитриески е најдобриот реализатор од линијата за слободни фрлања. Погодува со неверојатни 95.2% на успешност (20/21), а добро му парира и Ивица Димчевски кој има 85.7%.
Донован Доналдсон е играчот кој ја одбележи полусезоната и кога е во прашање реализацијата на ударите од поле. Американецот погодувал со 69.1% на успешност, резултат каков што има и Александар Штерјов 69.0, додека Ивица Димчевски е на 62.5%.
Затоа пак Диме Тасовски е најдобриот шутер од далечина. Во обидите вредни три поени ветеранот погодувал со 51.4%. Зад него се Димчевски со 43.6% и неизбежниот Доналдсон со 42.6%.
На 11. натпревари, гостиварци во просек реализирале по 85.7 поени, имаше и по 31.2 скока, 17.8 асистенции, 12.5 загубени и 7.4 освоени топки. А погодувале со 79.6% од линијата за слободни фрлања, 61.1% за два, и 38% за три поени.