08.01.2020

ШТО ВЕЛИ КЛУПСКАТА СТАТИСТИКА ПО ПРВИОТ ДЕЛ ОД ПРВАТА ЛИГА - ЕУРО НИКЕЛ 2005: Тоа е тоа кавадаречко трио, Марзет-Каплановиќ-Петровски

Овие тројца кошаркари поентерски го одбележаа „враќањето“ на кавадаречкиот прволигаш на старите патеки, односно горните позиции на табелата во Првата лига...

 

Некогаш Фени Индусттри, сега Еуро Никел 2005. Сеедно, тоа е клубот кој во оваа полусезона и дефинитивно го најави, па и реализира враќањето на позициите на кои беше до пред извесно време.

Оние во горниот дел од табелата во нашата Прва лига.

Доказ за тоа се нели, резултатите. А тие велат дека во 11. одиграни натпревари, тимот кој сега го предводи кавадаречката играчка легенда, Горан Самарџиев, оствари ефект од осум победи и три порази со кој го дели второто место, заедно со екипата на Гостивар.

Резултат кој веројатно е над очекувањата на тимот од „Јасмин“, кој можеше да биде дури и подобар да не беа оние несреќни порази, особено оној во Куманово.

А до него стигнаа во најголема мерка по одличните, пред се, поентерски игри на тројца кошаркари: Алекс Марзет, Ѓорѓе Каплановиќ и Јане Петровски.

Оваа тројка реализирала 46.6 од вкупно 85.2 поени на екипата на Еуро Никел 2005.

Американецот има најголем удел – 18.7 поени, до него е Каплановиќ со 14.5, додека пак искусниот плејмејкер трет во овој поредок со просек од 13.4 поени.

Блиску до двоцифрен ефект се уште Дарко Соколов (9.1) и Никола Караколев со 8.9 постигнати поени по меч.

Би се рекло и очекувано, Каплановиќ е и најдобриот скокач во тимот од Кавадарци. Високиот Србин има просек од 7.4 скока по натпревар, а доста добро во таа категорија котира и Филип Бакоч со реализирани седум скока по меч.

Јане Петровски е лидер на асистентите. Во просек има по 4.3 успешни додавања кон соиграчите. Марзет има 2.8, а Соколов нешто помалку, 2.7 асистенции по средба.

Петровски и Марзет губат по најмногу топки, 2.4 по натпревар, а Соколов и Предраг Николиќ „крадат“ најмногу топки, по 1.5 по меч.

Процентуално гледано, Филип Бакоч е најдобриот од линијата за слободни фрлања, затоа што погодува со 93.3% на успешност.

Кога станува збор за шутот вреден два поени, во Еуро Никел 2005 тоа најдобро го прави Каплановиќ, кој има 75% од таа позиција, далеку понапред во однос на Петровски (65.5%) и Караколев (64/6%).

Петровски е и најдобриот шутер за три поени. Реализирал најмногу тројки – 29, и со најдобра реализација – 53.7%, доста подобра во однос на Марзет кој на пример погодува со 41.5% на успешност од таа позиција.

Во овие 11. мечеви, Самарџиев им дал шанса на вкупно 14. кошаркари. А Еуро Никел 2005 дава по 85.2 поени на еден натпревар. Има и по 35.5 скока, 18.2 асистенции, 13. загубени и 8.1 освоени топки. Реализираат со 71.6% од линијата за слободни фрлања, 58% во обидите вредни два, и 34.3% во оние кои вредат три поени.