09.01.2020

ШТО ВЕЛИ КЛУПСКАТА СТАТИСТИКА ПО ПРВИОТ ДЕЛ ОД ПРВАТА ЛИГА - КОЖУВ: Сите во служба на колективот

Дури шестмина играчи од составот кој го предводи Александар Јончевски имале двоен број на поени...

 

Можеше и малку подобро, но и вака не е лошо. Особено ако се земе в предвид сето она што им се случуваше во оваа прва фаза од шампионатот на кошаркарите и стручниот тим на Кожув. Некои несреќни порази „заработени“ практично во последните моменти (како на пример, она гостување во СЦ „Јане Сандански“ кај МЗТ Скопје), ги чинеа гевгеличани и нешто повисок пласман од актуелниот. Делба на позицијата број 4 во нашата Прва лига.

Неизоставен дел беа и повредите, особено важна онаа на Бојан Трајковски кој ги пропушти оние последни четири мечеви на тимот од Југот на Македонија.

Четири порази се зад четата на Јончевски, плус се седумте победи кои сепак ги оставаат во трката, не само за Суперлигата, тулу и за нешто повеќе, налик на плеј-оф.

Она што треба да го радува шефот на струката е онаа правилна распределба на поените кои ги имаше Кожув во овие 11.кола од првенството. Статистиката вели дека дури шестмина кошаркари завршиле со двоен број на поени.

Најголемиот просек го има Еван Пејн – 17.1 поен, Трајковски застана на 13.7, Зданавичиус на 13.2. Караџовски и Стајиќ дојдоа до 11.7, а оваа шесторка ја затвора Дехуан Мареро со просек од 10.1 дадени поени (но на седум мечеви).

Тројца од нив важат и како многу добри реализатори во шутот за три поени. Стајиќ има 41.8% на успешност, Пејн 41.7% а Караџовски погодува со 40% на успешност од таа позиција.

Во ударите за два поени, Предраг Пајиќ се појавува како најдобар реализатор, со 72.2%, Пејн има 65.3%, а Зданавичиус 64.9%.

Од линијата за слободни фрлања доминира Стајиќ, со висока реализација од 94.1%, Караџовски е на 79.4%, а Зданавичиус со 73.9%.

Најдобар скокач во тимот од Гевгелија, барем засега е Дехуан Мареро, има просек од девет скока, Трајковски пак е на 6.9. Во улога на прв асистент е Бобан Стајиќ – има по 5.5 успешни додавања. Тој губи и најмногу топки, по 2.9 по меч, но и краде најмногу, има по 2.5 освоени топки.

Инаку, во оваа фаза, тренерот Јончевски ги користел услугите на вкупно 16. кошаркари. Во просек Кожув реализирал по 83.8 поени по натпревар, имале и 33.2 скока, односно 19.4 асистенции. Реализирале со 72.3% од линијата за слободни фрлања, 56% за два, односно 35.7% во шутот за три поени. Имаат по 13.5 загубени и 11.6 освоени топки, како и по 2.1 блокади на 11. натпревари.