Посебно тешко на битолчани им падна последниот пораз од Еуро Никел 2005, кој ги оддалечи од битката за влез во Суперлигата...Но битката не е завршена...
Како поминуваа деновите, оние прволигашките, така се поголеми беа амбициите на кошаркарите и стручниот тим на Пелистер.
Раководниот тим на битолскиот прволигаш се погрижи после долго време „зелено-белите“ да имаат еден вистински третман. Односно една сосема добра „логистика“ која треба да го донесе клубот кон горниот дел од прволигашката табела.
Иако не стартуваа сјајно, во средишниот дел „пелистерци“ направија една убава, победничка серија со која најавија и го реализираа „бегството“ од долниот дел на табелата. А беа многу блиску да фатат и приклучок со оние екипи кои се во трка за суперлигашки билет.
Промената на тренерот донесе резултат, Љупчо Малинков ја консолидираше екипата во која беа вкупно 13.кошаркари.
Четворица од нив завршуваат со двоен број на поени. Највисок просек на поени има Антон Казарновски (17.3), веднаш до него е репрезентативецот Адем Мекиќ со 15.2, но и Андреј Цветковски (13.4) и Владимир Враниќ со 12.5 поени.
Казарновски е најдобар и во оние скокачки активности, има просечни 6.5 скока по натпревар. Малку повеќе од Мекиќ (5.5) и Јетмир Зекири со 4.9.
Најдобар додавач е бекот Филип Думиќ со 4.8 асистенции по меч, пред неизбежниот Казарновски (4.1) и Мекиќ (3.7).
Процентуално гледано, Думиќ е безгрешен од линијата за слободни фрлања, макар што има изведено (и погодено) само десет слободни фрлања.
Кога станува збор за шутот од дистанца, и тука „главен“ е Казарновски кој реализира со 66.2% на успешност.
Во шутот пак за три поени, највисок процент на реализација има Андреј Цветковски (50%), а нешто послабо од таа позиција шутираат Владимир Враниќ (46.6%) и Адем Мекиќ (44.4%).
Казарновски (33.9) и Мекиќ (31.6) се единствените кои одиграле повеќе од 30.минути по натпревар. Првиот губи и најмногу топки, по 3.5 на еден меч, додека пак Цветковски е играчот со најмногу освоени топки – 2.1.
Во текот на овој дел од првенството, кошаркарите на Пелистер во просек реализирале по 81.8 поени, 31.4 скока и 18.7 асистенции. Освен тоа запишале и 18.2 загубени, односно 8.5 освоени топки по натпревар.
Погодувале со 79.4% од линијата за еден поен, 59.1% од онаа за два, и 37.9 од онаа која вреди три поени.