Рони Харис и Даниел Нацевски се играчите околу кои се „вртеше“ играта на „пантерите“ во првиот дел од сезоната во Првата лига...
Академија ФМП е една од ретките кои во прволигашкото друштво се води како дебитант. И иако на почетокот можеби и делуваа така, како одминуваа првенствените рунди така момците кои ги предводи Игор Гацов почнаа да личат на она што се вика прволигашки.
Го најавија тоа со еден голем триумф, оној против екипата на Работнички, победија и против ривалите за опстанок, собраа, барем засега, три победи, кои ги држат надвор од опасната зона.
Индивидуално гледано, полусезоната на новиот прволигаш ја одбележија Рони Харис и Даниел Нацевски. Макар што во оној „втор дел“, им се приклучи и Алекс Лонг, третиот „двоцифрен“ во тимот од Кисела Вода.
Американскиот бек е еден од најдобрите поентери во лигата. Има просек од 20.8 поени, и е основниот двигател во играта на „пантерите“.
Доказ плус за тоа е и фактот дека е и најдобриот асистент во екипата. Има просек од 4.6 асистенции по натпревар, а неговото ол-раунд издание се заокружува со просечни 4.7 скока (втор резултат во тимот зад ефектот на Алекс Лонг од 8.7 скока).
Лонг е третиот стрелец во екипата со просек од 12.5 поени, додека пред него е Даниел Нацевски, кој финишираше со 14.1 поени.
Харис е и играчот кој ужива најголема доверба кај тренерот Игор Гацов. На теренот поминува по 35.1 минути, Нацевски е на 32.5, а третиот играч со 30 и повеќе минути е Алекс Лонг.
Генерално, Гацов имал на располагање дури 16.кошаркари, а само четворица од нив настапиле на сите 11. средби (Нацевски, Делипетров, Шалев и Јовановски).
Процентуално, Лука Стојановски е најдобриот реализатор во ударите вредни еден поен. Младинскиот репрезентативец има просек од 81% од таа позиција, макар што подобри бројки од него има Методија Бешлиовски, но со само пет реализации од шест обиди (просек 83.3%).
Стојановски е и прв на листата на играчи со најдобра реализација во обидите вредни два поени (58.6%), пред Харис кој е на 57.6% и Лонг со 55.6%, додека пак најдобар реализатор за три поени е Даниел Нацевски, кој погодува со 51.1% на успешност.
Во овој прв дел од сезоната, кошаркарите на Академија ФМП во просек реализирале по 76.поени. Со процент на реализација од 72.2% од линијата за слободни фрлања, 50% во ударите за два и 39.2% во оние вредни три поени.
Освен тоа имаат и просечни 29. скока по меч, 15.1 асистенции, 13.8 загубени и 7.8 освоени топки, дополнето со 1.3 блокади по натпревари.