11.01.2020

ШТО ВЕЛИ КЛУПСКАТА СТАТИСТИКА ПО ПРВИОТ ДЕЛ ОД ПРВАТА ЛИГА - РАБОТНИЧКИ: Недостасува уште нешто за идеална петорка

Во овој момент „црвено-белите“ имаат дури четворица играчи со двоцифрен број на поени, се бара петтиот...

 

Кошаркарите од „Градски парк“ имаа одличен почеток на сезоната, но неколку лоши изданија во средишниот дел ги вратија неколку чекори назад во трката за позицијата број 1 во Првата лига.

Па по 11.одиграни натпревари, тимот кој оваа сезона го предводи Димитар Мираковски мора(ше) да се задоволи со позицијата број 4, односно ефект од седум победи и четири порази.

А четири играчи и го одбележаа овој, условно кажано, прв дел од сезоната.

Ги предводи Хејден Лесколт, кој дефинитивно е и оној играч кој прикажа најстандардни игри во уводниот дел од шампионатот. Засега Американецот е на просек од 19.поени, и е еден од квартетот „двоцифрени“ во кој влегуваат уште и Данило Мијатовиќ со просек од 16.3 поени, Виктор Ефремоски со 12.2 поени, како и сега веќе екс играчот на „црвено-белите“, Бенџамин Двејн со 17.7 поени на десет одиграни натпревари.

Хејден е и најдобриот додавач во тимот на Мираковски затоа што во просек има по 5.9 асистенции по меч, што е доста подобро во однос на Бенџамин кој затсана на 3.9.

Љубомир Младеновски нема двоцифрен број на поени, но затоа пак е најдобриот скокач во Работнички, и тоа со просечни седум скока по натпревар. Бенџамин има 6.4, а Данило Мијатовиќ по 5.7 скока по натпревар.

Освен тоа, Лесколт е и играчот кој „троши“ најмногу топки, има по 3.5 загубени топки. Но важи и за играч кој освојува најмногу топки, по две на еден меч.

Процентуално гледано, најдобра реализација на слободните фрлања има младиот Виктор Ефремоски. Погодува со 95.8% на успешност од тоа место на теренот, а сосема солидна изведба на „пеналите“ покажа и Лесколт кој е на 87.9%.

Ефремоски е најдобар во уште една шутерска категорија, онаа која вреди по два поени. Од таа позиција погодува со 65.2%, пред Лесколт кој има 61.7% и Двејн Бенџамин со 61.4%.

Но и кога пак се зборува за шутот за три поени. Гостиварецот во редовите на тимот „Градски парк“ има реализација од 40.9% од линијата зад 6.75 метри. Тоа е подобар скор во однос на оној кој го имаат Горан Главчев (39.9%) и Мијатовиќ (38.6%).

Процентуално, но на клупски план, Работнички уфрла по 85.6 поени по натпревар. Со процент на реализација од 73.2% од линијата за слободни фрлања, 58.7% од линијата која вреди два и 37.7% зад онаа која вреди по три поени.

Тимски гледано, (учествувале вкупно 14. играчи) имаат и по 34.1 скок, 17.3 асистенции, 13.4 загубени и 7.3 освоени топки.