25.02.2020

ШТО ВЕЛИ СТАТИСТИКАТА: Војдан е нашето прво име, Витингтон е прв скокач!

Војдан Стојановски и Шејн Витингтон ја уживаа најголемата доверба кај селекторот Александар Тодоров на првит два натпревари од квалификациите...

Шејн Витингтон беше најмногу „искористен“ од страна на селекторот Александар Тодоров. Барем кога се сметаат бројот на минути поминати на теренот на овие два натпревари.

Силното крило во просек одигра 35.1 минута, што е за малку повеќе во однос на капитенот Војдан Стојановски, кој е вториот наш кошаркар со повеќе од 30.минути поминати на паркетите во Скопје односно Перм (просечни 32.2 минути по меч). 

Војдан Стојановски е нашиот најдобар поентер во феврарускиот прозорец на ФИБА. Во просек реализира по 18.поени по натпревар. Двоцифрен број на реализации има и Витингтон (14.5), но и Ненад Димитријевиќ кој на мечот во Скопје постигна 15.поени (сите во второто полувреме).

Американецот со македонски пасош е и најдобриот скокач во нашиот тим. Има просечни седум скока на двете средби, Крстевски е на 4.5, а браќата Стојановски и Магдевски имаат по четири.

Војдан е најдобриот додавач во тимот на Тодоров со 3.5 асистенции на натпревар,но и најдобар во рубриката „освоени топки“ (по две), додека Андреј Магдевски е играч со најголем број на загубени топки, по 2.5 по меч. Секако ако не се земат в предвид оние пет на Димитријевиќ на првиот дуел во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Од оние 13. играчи кои се најдоа во официјалниот протокол за двата меча, ниту една минута не добија само Андреј Маслинко и Виктор Ефремоски. Многу малку играа Андреј Јакимовски (2.6), и Љубомир Младеновски (2.7 минути), нешто повеќе Кристијан Николов (девет минути на еден натпревар).

Процентуално гледано, во овој „прозорец“ на ФИБА, реализиравме не баш високи 69.5 поени по натпревар.

И тоа со 27.6% во шутевите за три поени (8/29), потоа 52.3% за два (17/32) и 82.1% од линијата за слободни фрлања (11/14 во просек).

Имаме и 34. скока, од кои десет се во оној офанзивен дел. Плус и 15.5 асистенции по меч, но и високи 12.5 загубени топки, како и 4.5 освоени. Сето тоа дополнето со една блокада.

Недоволно за успех во средбите со Естонија и со Русија. Следната на ред е во ноември, кога гостуваме во Италија.

Комплетен статистички приказ по двата одиграни натпревари на Македонија во квалификациите за ЕП 2021, ТУКА