Јуниорската репрезентација на Макеоднија одигра уште два контролни натпревари. Непосредно пред заминувањето за Португалија, каде во текот на наредната недела ги очекува настап на ЕП од Дивизијата „Б“ за кошаркарки „Под 18“ години, во Гевгелија ја дочекаа соодветната селекција на Швајцарија.
Гостинската селекција ги доби двата натпревари...
Швајцарците беа подобри на првата проверка одиграна во салата „26.април“.
Во натпревар во кој гостите имаа постојана резултатска предност, славеа со резултат (78:73). Павел Иванов реализираше 14.поени, имаше уште и осум скока, три освоени и четири загубени топки, а Стефан Стојковиќ и Филип Чолаковски беа останатите „двоцифрени“ играчи во нашата селекција со 11 реализации (плус и седум, односно шест скока).
Слично се развиваа настаните и на вториот меч... По првата четвртина Швајцарија се одвои на (20:13), пет минути подоцна нивното водство беше уште повисоко (30:17), а најголемата разлика беше на полувремето (39:22).
Имавме сериозен проблем со реализација на слободните фрлања (8/16) во тој прв дел од проверката во Гевгелија. Погодувавме само со 20% за три и 40% за два поени, како и девет загубени топки за 20.минути.
Но тоа и дефинитивно далеку помали грижи за стручниот штаб во однос на повредите на Ангел Стојанов и на Григориј Јакимовски, кои не можеа да му се стават на располагање на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ на овој последен тест пред заминувањето за Матошинос.
Играта не доби поинаков тек ниту по паузата од 15.минути. Швацарците имаа и плус 20 на крајот на третата четвртина (61:41). Ја добивме последната, со (16:11), но само да „симнеме“ дел од големата негатива, за конечни (72:57) за гостинската репрезентација.
Димитар Зетов и Никола Јаничиќ постигнаа по 11. поени за нашата јуниорска селекција на оваа проверка. Иванов имаше осум реализации, Луканоски и Чолаковски по шест.